Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се обрати на министерскиот совет и, како што се очекуваше, ги обвини останатите земји членки, а особено ЕУ и САД, за лицемерие и непочитување на принципите на кои почива ОБСЕ.
Обраќајќи се на, како што рече, бриселската бирократија Лавров тврдеше дека Европа има проблем со фактографијата и со објективноста и дека заклучоците што ќе се усвојуваат на ОБСЕ овие два дена – се подготвени однапред, сакајќи да каже дека не се резултат на политичкиот дијалог. Тој притоа ја обвини ОБСЕ дека молчи кога се загрозува слободата на медиумите во западните земји и се врши врз нив репресија, а ја напаѓа за тоа Русија и дека во Организацијата константно се одбиваат барањата на Москва да се разговара за неонацистичките движења низ Европа и во Украина.
Украина, пак, ја обвини дека сака да избрише се што е руско во земјата, дека не признава постоење на руско малцинство, дека го забранува законски рускиот јазик и дека води „одвратна кампања“ против руската црква во земјата, и сето тоа, нагласи Лавров, не е по последната руска интервенција туку почнало во 2014 година, веднаш по договорот за мир склучен со гаранција на Германија, Франција и Полска.
Со порака дека „неонацистите се добредојдени во ЕУ“, тој заклучи дека нема место за оптимизам и дека ОБСЕ станалa говорник на западните земји.
Тој потсети дека организацијата била уништена во 1999 година.
„Земјите од НАТО и ЕУ ја уништија воено-политичката димензија на ОБСЕ. Во 1999 година, НАТО изврши нескриена, брутална агресија врз Југославија, членка на ОБСЕ и ОН. И во 2008 година, кршејќи ја резолуцијата 12 44 на Советот за безбедност на ОН и принципот на неповредливост на границите во Европа од завршниот акт на Хелсинки, на Србија и беше одземено Косово без никаков референдум“, посочи Лавров.
Се осврна и на санкциите што Западот и ги воведе на Русија во неверојатни размери. Во обид да ја урнат руската економија, САД и нивните европски сателити воведоа илјадници санкции кон Русија, ставајќи крај на широката практична соработка меѓу Истокот и Западот во нашиот некогаш заеднички регион“, рече тој.
Лавров посочи дека Молдавија е следната жртва во хибридната војна на Западот против Русија.
Првиот говорник по Лавров, данскиот шеф на дипломатијата Расмусен оцени дека неговите пораки биле манипулативни, со порака „толку од дијалогот“ – бидејќи рускиот министер според него веднаш по говорот што го одржа излегол од состанокот.
🔴 #LIVE: Russia’s Foreign Minister Sergey Lavrov’s remarks at the First Plenary Session of the OSCE Ministerial Council
https://t.co/tVSQcnW5Wu— MFA Russia 🇷🇺 (@mfa_russia) November 30, 2023