Францускиот фудбалски гигант Лион, кој по 13 одиграни кола е на последното место, му врачи отказ на тренерот Фабио Грос, што е веќе втора тренерска смена во клубот оваа сезона.
Гросо во средината на септември го замени Лоран Блан на клупата на Лион, кој освои само бод во првите четири кола, но на девет натпревари под водство на Гросо, „Лавовите“ забележаа само една победа, три нерешени и пет порази, па сѐ уште се на самото дно на табелата со седум освоени бодови, три помалку од 17-от Клермон, а пет помалку од 15-от Тулуз, кој ја држи последната позиција која обезбедува опстанок.
Во последното коло минатиот викенд Лион загуби со 0:2 на домашен терен од Лил .
Пред еден месец Гросо се здоби со повреди на лицето од парчиња стакло фрлени кон него, откако навивачите на Марсеј го каменуваа автобусот во кој се превезуваа играчите и раководството на Лион за време на патот од хотелот до стадионот, оставајќи го извесно време неспособен да го води тимот.
Ова е петта тренерска смена во Лион во последните четири години, а оваа нестабилност произлегува од лидерската криза во клубот по доаѓањето на новиот сопственик, Американецот Џон Текстор, кој го смени најуспешниот претседател во историјата на клубот, Жан Мишел Олас.
Во саботниот натпревар од 14-то коло против Ланс, тимот треба да го предводи Пјер Саже.