Главниот обвинител на МКС во посета на Израел

Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС) Карим Кан е во посета на Израел на барање на Израелците кои го преживеаја нападот на Хамас на 7-ми октомври и семејствата на жртвите, објави судот во четвртокот.

Весникот The Jerusalem Post претходно во четвртокот објави дека Кан слетал во Израел во неочекувана неофицијална посета за да се сретне со семејствата на жртвите од нападот на Хамас на 7-ми октомври во јужен Израел.

Кан ќе го посети и Рамалах на окупираниот Западен брег каде ќе се сретне со високи палестински претставници, соопштија од МКС.

Посетата не е од истражен карактер, туку „можност да се изрази сочувство до сите жртви и да се учествува во дијалогот“, објави МКС на платформата X.

Кан нема да го посети Појасот Газа, иако тој го побара тоа.

Во средата, Кан го посети граничниот премин Рафах меѓу Египет и Појасот Газа за да изврши притисок врз Израел да го ослободи и да го забрза протокот на хуманитарна помош.

Семејствата на израелските жртви на нападите врз Израел од страна на шобараа од МКС минатиот месец да нареди истрага за убиствата и киднапирањата од страна на радикалното палестинско движење.

Државата Израел не е членка на Меѓународниот кривичен суд и не ја признава неговата јурисдикција.

На 17-ти ноември беше објавено дека обвинителот на Меѓународниот кривичен суд (МКС – ICC) во Хаг примил заедничко барање на пет земји да ја истражи ситуацијата на палестинските територии, а истиот ден ги примил и семејствата на израелските жртви кои такво барање поднеле пред пет седмици.

Барањето го поднесоа Јужноафриканската Република, Бангладеш, Боливија, Комори и Џибути. Јужноафриканската Република соопшти дека барањето е поднесено „за да се осигури дека МКС итно ќе обрати внимание на тешката ситуација во Палестина“.

Бидејќи истрагата е веќе во тек, заедничкото барање ќе има ограничен ефект во практиката. Меѓународниот кривичен суд веќе спроведува истрага за „ситуацијата во државата Палестина“ за наводни воени злосторства сторени од 13-ти јуни 2014 година.

Обвинителот Кан во октомври годинава изјави дека неговиот кабинет има јурисдикција и над нападот на Хамас во јужен Израел на 7-ми октомври и сите злосторства сторени во израелскиот одговор, што ги вклучува и воздушните и артилериски бомбардирања на Појасот Газа.

Главниот обвинител на МКС ги прими пред две седмици семејствата на израелските жртви кои бараат судско гонење на Хамас за овени злосторства и геноцид, како и Трибуналот да издаде меѓународни потерници за лидерите на споменатото исламистичко сунитско движење.

Кабинетот на главниот обвинител на Хашкиот трибунал соопшти тогаш дека е „собрано значително количество информации и докази“ за злосторства на палестинските територии, како и за оние кои ги извршиле Палестинци.

Секој може да поднесе тужба пред МКС и да побара истрага, но судот чиешто седиште е во Хаг не е обврзан да ја прифати. Меѓународниот кривичен суд може да истражува државјани на земји кои не се негови членки во одредени околности, на пример кога постои сомневања деа злосторствата се сторени на териториите на државите членки. Палестинските територии се потписници на повелбата на МКС од 2015 година.

Правни стручњаци оценуваат дека и двете страни во израелско-палестинскиот конфликт би можеле да бидат обвинети за воени злосторства.

Основан во 2002 година за процесуирање на најтешките злосторства во светот. МКС во 2021 година отвори истрага за сомневање за воени злосторства на палестинските области кои ги извршиле изрелските сили, Хамас и други палестински вооружени групи.

На 7-ми октомври, припадници на Хамас и други палестински радикални групации изведоа напад без преседан според кординацијата, масовноста и бруталност на израелска територија во кој беа убиени 1.200 луца, од кои над 300 припадници на израелските безбедносни сили а киднапираа 240, според израелската страна. Израел одговори истиот ден со повеќеседмични континуирани воздушни и артилерски удари врз пренаселената палестинска енклава Појасот Газа, а од 27-ми октомври покрена и копнена офанзива во кој досега се убиени повеќе од 15.000 луѓе, главно цивили од кои 40 отсто се деца, според палестинските здравствени власти, податици кои Обединетите нации ги сметаат за веродостојни. Уште 6.500 луѓе се сметаат за исчезнати, од кои многу сѐ уште се под урнатините.