Претпазливо тргување на европските и азиските берзи, индексите стагнираат

На европските берзи се тргува претпазливо во понеделникот претпладнето, при што берзанските индекси стагнираат додека инвеститорите чекаат нови економски извештаи кои би можеле да ги насочат пазарите.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше намален за 0,1 отсто во првиот дневен пресек на тргувањето, по силниот раст минатата седмица. Лондонскиот FTSE индекс претпладнево ослабе за 0,38 отсто, на 7.500 поени, а париски CAC за 0,18 отсто, на 7.335 поени. Франкфуртскиот DAX порасна, пак, за 0,03 отсто, на 16.400 поени.

По силниот скок на цените на акциите во ноември, инвеститорите се повнимателни на почетокот на декември.

Поради страв од слабеење на побарувачката, цените на нафтата и суровините претпладнево паднаа, а исто така паднаа и акциите во рударскиот сектор во просек за 1,8 отсто и енергетскиот сектор за 1,4 отсто.

Оваа седмица ќе бидат објавени неколку важни економски извештаи од еврозоната. Меѓу другото, за цените на производителите, индексите на активност на PMI, прометот во трговијата на мало и бруто домашниот производ (БДП).

Внимателно се тргува и на азиските берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, порасна за 0,2 отсто во истиот дневен пресек, по силниот раст во ноември. Претпладнево на токиската берза индексот Nikkie ослабе за 0,6 отсто, додека цените на акциите во Шангај и Хонгконг се лизнаа меѓу 0,3 и 1,1 отсто. Во Јужна Кореја и Австралија, пак, се зголемија меѓу 0,5 и 0,7 отсто.

Најновите податоци покажуваат дека кинеската економија не расте толку брзо како што се надеваа инвеститорите, а проблемите во секторот на недвижности сè уште не се целосно решени. Поради тоа, претпладнево благо паднаа берзанските индекси во Шангај и Хонгконг.

Од друга страна, во Австралија цените на акциите пораснаа бидејќи инвеститорите веруваат дека циклусот на зголемување на стапката е завршен. Како што инфлацијата постепено се намалува, гувернерите на австралиската централна банка се очекува да ги остават каматните стапки непроменети на нивниот последен состанок годинава во вторник.

Проценките дека поради намалувањето на инфлаторните притисоци заврши циклусот на зголемувања на каматните стапки во западните земји, претставуваат главен лост на растот на пазарот во последниот месец. Благодарение на ова, на Волстрит во петокот индексот S&P 500 го достигна највисокото ниво оваа година, што ги поддржува и другите пазари во светот.