Јужна Кореја во понеделникот успешно изврши пробен лет на вселенска ракета на цврсто гориво, која носи сателит за надзор над морето кај островот Џеџу, соопшти Министерството за одбрана, во услови на ескалација на вселенската трка со соседна Северна Кореја.
Ова е трет тест од ваков вид по тестовите во декември и март минатата година. Лансирањето вклучува технологија развиена во Агенцијата за развој на одбраната во земјата и вселенска ракета и сателит произведени од јужнокорејската „Hanwha Systems“, се вели во соопштението на Министерството.
Компанијата „Hanwha Systems“ соопшти дека сателитот, кој ќе се користи за цивилни цели, вклучително и надзор на животната средина, успешно испратил сигнали до копнениот контролен центар.
Министерството го поздрави лансирањето како пресвртница, бидејќи Пјонгјанг неодамна лансираше воен шпионски сателит. Соединетите држави и нивните сојузници го осудија лансирањето на Северна Кореја за користење ракетна технологија што е во спротивност со безбедносната резолуција на ОН.
„Успешното лансирање на Јужна Кореја ќе ги подобри разузнавачките, надзорните и извидувачките способности на земјата“, соопшти Министерството за одбрана во Сеул.
Северна Кореја во понеделникот го осуди, како што го нарече, „двојниот стандард“ на Вашингтон во врска со лансирањето сателити од двете Кореи и рече дека таквите „нечесни“ американски стандарди никогаш нема да бидат толерирани.
„Северна Кореја ќе продолжи да ја следи важната мисија за воспоставување воздушно надгледување за темелно следење и контрола на воените потези на САД и другите непријателски сили“, соопшти севернокорејската вселенска агенција, пренесе државната новинска агенција KCNA.
Минатиот месец Северна Кореја лансираше сопствен воен извидувачки сателит, а лидерот Ким Џонг Ун доби фотографии од Белата куќа, Пентагон и американските носачи на авиони во поморската база Норфолк, Вирџинија, јавуваат државните медиуми.
Функционален извидувачки сателит би можел да и овозможи на Северна Кореја далечински да ги надгледува американските, јужнокорејските и јапонските воени сили. Јужнокорејските сателити би ја намалиле зависноста на Сеул од американските разузнавачки системи.
Сепак, Пјонгјанг не објави никакви фотографии, оставајќи ги аналитичарите и странските влади да дебатираат колку е способен новиот сателит, а како одговор на критиките го бранеше лансирањето на сателитот како дел од своите суверени права.