Граѓаните во фокус – годишна конференција за децентрализација и локално управување

Граѓаните и подобрувањето на квалитетот на локалните услуги се во фокусот на годинeшната Конференција за децентрализација и локално управување, која традиционално ја организира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со Министерството за локална самоуправа. Министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов истакна дека заедно со Бирото за регионален развој годинава поддржале 135 проекти во општините и во планските региони. Во својот говор се осврна на Истражување за задоволство на граѓаните од локалните услуги, кое го спроведува УНДП.

„Резултатите покажуваат дека граѓаните генерално се задоволни од квалитетот на животот во нивната општина, особено од услугите за противпожарна заштита и згрижување на децата, но сепак се забележува мал пад на задоволството од начинот на кој се управува во нивната општина и од земањето во предвид на нивните барања. Перцепцијата на граѓаните упатува дека посебно внимание треба да се посвети на услугите за ранливите групи и на ризиците од корупција во локалните средини, што би требало да биде и наш водич во планирањето на следните активности за подобрување на функционалноста на системот на локалната самоуправа“, рече Пенов.

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски порача дека општините имаат проблем со функционирањето, бидејќи добиваат значително помалку финансиски средства од државниот буџет од она што треба да го добиваат за да ги исполнат доделените надлежности.

„Сакаме да им понудиме квалитетни услуги и европски стандард на нашите граѓани, а дел од општините немаат средства ни да ги покријат дупките на локалните патишта. Сè уште има бројни населени места кои немаат водовод и канализација. Затоа ЗЕЛС не отстапува од долгогодишните барања за префрлање најмалку 10% од ДДВ и 50% од персоналниот данок на доход“, рече Ѓорѓиевски.

Владите на Швајцарија и на Шведска се долгогодишни поддржувачи на локалниот развој во државата преку низа проекти и инцијативи, од кои дел ги имплементира УНДП.

„И покрај значајниот напредок, остануваат многу предизвици, како надлежностите пренесени на локално ниво што не се придружени со соодветни финансии или со доволно човечки капацитети. Механизмите за внатрешна и надворешна контрола, како и дигитализацијата на процесите и услугите се или слаби или недостигаат, што придонесува за зголемена ранливост кон корупција. Се чини дека оваа листа е многу долга, но може да се издвојат и општини каде ситуацијта е многу подобра бидејќи локалните власти се посветени да го подобрат собирањето даноци и управувањето со буџетот, да задржат професионалци кои имаат соодветни надлежности на клучни позиции, да обезбедат учество и транспарентност на одлуките“, изјави Вероник Улман, Амбасадорка на Швајцарија во Северна Македонија.

Шведската амбасадорка, Ами Ларсон Џаин говореше за важноста на децентрализацијата како начин на подобрување на учеството на граѓаните, зајакнувањето на локалниот пристап до услуги, управувањето со конфликти, и подобрувањето на отчетноста и одговорноста на локално ниво. Таа ја истакна шведската поддршка во постигнувањето на таа цел, преку поддршка за Бирото за регионален развој и Министерството за локална самоуправа, имплементирана од страна на УНДП, и истакна дека постои потреба централната власт да им помогне на општините да ги зајакнат своите финансиски и технички капацитети, со тоа што ќе им обезбеди законска и регулаторна рамка која создава услови за одржлив и правичен процес на децентрализација.

Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП повеќе од две децении работи во партнерство со општините на имплементација на сеопфатни мерки за подобрување на локалното управување.

„Локалниот развој е клучна компонента за идниот напредок на земјата, бидејќи има директно влијание врз подобрувањето на севкупниот квалитет на живот на граѓаните. Токму затоа ние сме посветени на поддршка на општинскиот развој и процесите на децентрализација, во согласност со Целите за одржлив развој на ОН и напредкот на земјата кон Европската Унија. Бројни иницијативи и активности на УНДП се директно насочени кон поттикнување поефикасна, поодговорна, потранспарентна и поодржлива локална самоуправа“, изјави Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП.

На дводневната конференција се опфатени повеќе клучни теми како што се локално управување на патот кон ЕУ, дигитална трансформација на општините, инклузивни локални заедници, одржлив локален развој, фискална децентрализација и унапредување на родовата еднаквост во локалните заедници.

УНДП ја организира Годишната конференција за децентрализација и локално управување во партнерство со Министерството за локална самоуправа, и со поддршка на Швајцарија, Шведска и Бирото за регионален развој.