Најмалку три лица загинаа во пукање во кампусот на универзитетот во Лас Вегас

Во пукањето во главниот кампус на Универзитетот Невада во Лас Вегас во средата загинаа најмалку три лица пред крвопролевањето да заврши со смртта на осомничениот, соопштија властите.

Не е јасно дали осомничениот бил застрелан од полицијата или се самоубил.

Винсент Перез, професор во образовната институција препознатлива по акронимот UNLV, изјави телефонски за телевизиската мрежа MSNBC News дека слушнал многу пукотници пред да се засолни во кампусот.

„Би рекол само седум, осум истрели, еден по друг, гласни и многу гласни“, рече тој. „Штом го слушнавме тоа, се вративме внатре и сфативме дека ова е вистинско пукање и дека има активен стрелец во кампусот“.

Официјалните поединости за инцидентот се сè уште нејасни.

Откако добиле пријава за пукање на лице во кампусот, полицајците „веднаш реагирале и дејствувале кон осомничениот“, изјави за медиумите портпаролот на универзитетската полиција Адам Гарсија. „Осомничениот е мртов“, додаде тој

Шерифот Кевин Мекмахил од метрополитенската полиција во Лас Вегас рече дека повеќе нема никаква закана за заедницата, но главниот кампус на UNLV и другите универзитетски ограноци беа затворени во остатокот од денот „како мерка на претпазливост“.

Полицајците сè уште ја пребаруваат секоја зграда во распространетиот терен за да се уверат дека „нема повеќе жртви“, рече шерифот.

Првите извештаи за инцидентот пристигнаа околу пладне по локално време, а за околу половина час полицијата во Лас Вегас извести дека „осомничениот е лоциран и мртов“.

Кампусот UNLV, кој се наоѓа на помалку од три километра источно од Лас Вегас Стрип, има приближно 25.000 студенти и 8.000 постдипломци и кандидати за доктори на науки.