Борел го поддржа Гутереш за ставот СБ на ОН да интервенира во војната во Газа

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, го поддржа повикот упатен од генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш до Советот за безбедност да се интервенира во војната во Газа.

Тој во објава на платформата Икс (Твитер) апелираше до „членовите на Советот за безбедност на ОН и истомислениците од ЕУ“ да го поддржат повикот на генералниот секретар.

Борел, исто така, ги критикуваше израелските доселеници на окупираниот Западен Брег за уривањето на палестинското училиште изградено со средства на ЕУ, нарекувајќи го тоа „кршење на меѓународното право“ и додавајќи дека „насилството на доселениците врз палестинските заедници мора да престане“.

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш вчера го предупреди Советот за безбедност на ОН дека војната меѓу Израел и палестинските милитанти на Хамас во Појасот Газа „може да ги влоши постоечките закани за меѓународниот мир и безбедност“.

Гутереш се повика на ретко користениот член 99 од основачката Повелба на ОН, кој му дозволува „да го насочи вниманието на Советот за безбедност на секое прашање што според него може да го загрози одржувањето на меѓународниот мир и безбедност“.

„Се соочуваме со сериозен ризик од колапс на хуманитарниот систем. Ситуацијата брзо се влошува во катастрофа со потенцијално неповратни импликации за Палестинците како целина и за мирот и безбедноста во регионот“, напиша Гутереш во писмото до 15-члениот Совет за безбедност.

Тој нагласи дека таков исход мора да се избегне по секоја цена. Тоа е првпат Гутереш да се повика на тој член откако ја презеде функцијата во 2017 година и првпат некој генерален секретар да го користи од 1989 година.

Амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан, ја осуди одлуката на Гутереш да се повика на членот 99, обвинувајќи го за „предрасуди кон Израел“ и велејќи дека треба веднаш да поднесе оставка. Шефот на израелската дипломатија Ели Коен оцени дека мандатот на Антонио Гутереш претставува „опасност за светскиот мир“.