Министерството за правда го испрати барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски

Министерството за правда го испрати барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски кое преку МНР ќе биде доставено по дипломатски пат до турските власти.

-Oригиналниот документ документ е испратен по ДХЛ до Министерството за правда на Република Турција и во скенирана верзија е пратен и до ИНТЕРПОЛ. Очекуваме соработка со правосудните органи на Република Турција, навремено процесуирање и постапување од нивна страна во најкус можен рок. Барањето за екстрадиција, министерот Кренар Лога го потпиша вчера со што отпочна процедурата за екстрадиција на Љупчо Палевски. Во текот на денешниот ден експресно беа преведени сите потребни списи и документи на турски јазик, по што барањето за екстрадиција се испрати на турските власти, информираат од Министерството за правда.

Покрај писменото барање до тамошното министерство и турската амбасада во земјава, министерот за правда Кренар Лога најави дека ќе разговара телефонски и директно со неговиот турски колега, а очекува поради партнерските односи со Р. Турција, набрзо да постапат и да го испорачаат Палевски во Македонија.

Универзитетскиот професор Гордан Калајџиев оценува дека Палевски може да биде екстрадиран за околу два месеца со оглед на повеќеслојните проверки од турските органи. Иако не се очекуваат пречки, Калајџиев вели дека Палевски пред тамошните органи може да се жали и да бара да не го екстрадираат поради јавен линч и квалификации пред да биде осуден и можност за нефер судење во земјава.

-Слушнавме министерот ги прогласи за малоумни, тоа би им користело. Ако сте непресметливи може ќе одговарате полесно или нема да одговарате. Претходно имаше изјави дека се знае кои се… монструми итн. Се создава хајка за која утре некој може да тврди дека во државата нема услови за фер судење. Ниту е постапката против него политички монтирана, меѓутоа може тоа да го тврди бидејќи тука, без да биде сослушан, го прогласуваат за сторител, вели Калајџиев – универзитетски професор по кривично право.

Првоосомничениот за двојното убиство Љупчо Палевски завчера на 5 декември беше уапсен од турската полиција во Баликесир, на автопат каде се движел пеш. Ден потоа македонското Министерство за правда побара од турските власти да го задржат во притвор, се до негова екстрадиција во земјава.