Машиновозачите на германските железници Deutsche Bahn (DB) во четврток вечер стапуваат во еднодневен предупредувачки штрајк, а синдикатот на машиновозачите GDL веќе најави нови подолги прекини на работа за следната година.
„Ова е последен штрајк годинава, но во јануари штрајковите ќе бидат поинтензивни и подолги“, изјави првиот човек на синдикатот на машиновозачите GDL, Клаус Веселски.
Ова ќе биде четврти штрајк во Deutsche Bahn оваа година.
Германскиот синдикат на машиновозачи (GDL) сака да го зголеми притисокот во тековната рунда на колективно договарање. Најважното нешто што го бара синдикатот е намалување на работното време за работниците во смени.
Лидерот на синдикатот го обвинува раководството на Deutsche Bahn за непопустливост во преговорите со синдикатите. Од DB начелно се согласуваaт со преговори за зголемување на платите и бонуси за покривање на товарот на инфлацијата, но ги отфрла преговорите за скратување на работната седмица од сегашните 38 на 35 часа.
„Со ваквиот став, Deutsche Bahn не само што ги игнорира потребите на сопствените вработени, туку и ги загрозува напорите за привлекување нови вработени“, рече Веселски.
Додаде дека следната седмица ќе се пребројуваат гласовите на синдикалните членови кои гласале за можноста за временски неодреден штрајк.
Раководството на Deutsche Bahn го критикуваше штрајкот во време кога транспортот во Германија е отежнат поради временските услови, а отфрла преговори за намалување на работното време со иста плата поради и онака тешката ситуација со недостигот од вработени.
Критичарите на синдикатот GDL, кој обединува релативно мал број вработени, се жалат дека ја задржува својата воинствена позиција поради борбата за превласт со другите поголеми синдикати на вработени во железницата. Синдикатот EVG, кој обединува многу поголем број вработени во железницата, вообичаено своите преговори со водството на Deutsche Bahn ги води без штрајкови.
Поради најавениот штрајк, патниците кои ја користат германската железничка мрежа во петок ќе бидат принудени да направат алтернативни планови за патување.
Синдикатот на машиновозачите ги повика членовите да ја напуштат работата во 22 часот во четврток. Штрајкот на националниот железнички оператор Deutsche Bahn ќе заврши 24 часа подоцна, во петок навечер. Прекини се очекуваат и пред почетокот на штрајкот, а се очекуваат и последователни ефекти. За време на штрајкот ќе се применува вонреден возен ред со значително намалени услуги.