Саливан: САД, Јужна Кореја и Јапонија ќе дејствуваат посилно против севернокорејската закана

Соединетите држави, Јужна Кореја и Јапонија се договорија за нови иницијативи за да се спротивстават на кибернетичката-закана од Северна Кореја, вклучувајќи лансирање сателити и злоупотреба на криптовалути, изјави во саботата советникот на Белата куќа за национална безбедност, Џејк Саливан.

Советниците за национална безбедност од САД, Јужна Кореја и Јапонија се состанаа во саботата во Сеул, откако Пјонгјанг предупреди дека ќе лансира нови шпионски сателити. Саливан додаде дека оваа средба уследи по трилатералната средба во август во американската воена база „Кемп Дејвид“, чиј домаќин беше американскиот претседател Џо Бајден, каде што лидерите на трите земји ветија дека ќе ја продлабочат безбедносната и економската соработка во регионот.

„Покренавме нови трилатерални иницијативи за да се спротивставиме на заканата од Северна Кореја, од сајбер-криминал и перењето криптовалути до тестирање вселенски и балистички ракети“, им рече Саливан на новинарите.

Координираните напори на сојузниците ќе бидат насочени и кон можна економска закана, според Саливан.

Администрацијата на Бајден одржа состанок во „Кемп Дејвид“ со јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол и јапонскиот премиер Фумио Кишида за да покаже единство во лицето на зголемената кинеска моќ и нуклеарната закана од Северна Кореја.

Севернокорејските медиуми во саботата објавија дека Пјонгјанг е решен наскоро да лансира нови шпионски сателити, нарекувајќи го тоа дел од своето право на самоодбрана.

По разговорите со Саливан и јапонскиот колега Такео Акиба, јужнокорејскиот советник за национална безбедност Чо Тае-јонг рече дека тие размениле размислувања и за Украина и Блискиот исток, но не изнесе поединости.

Саливан додаде дека „ќе продолжат да се борат за мир и стабилност во Тајванскиот теснец и слобода на пловидбата во Источното и Јужното Кинеско Море“, каде што Кина и американските сојузници во регионот се конфронтираат околу полагањето право на овој значаен свветски поморски пат преку кој се одвива трговија од пет билиони долари годишно.