
Израелската војска наведе безбедносни причини за да го оправда соголувањето на заробените Палестинци во Газа, кои ги нарече борци на Хамас, што палестинското движење го негира осудувајќи ги израелските „лаги“.
На видеата и фотографиите кои станаа вирални на социјалните мрежи, а беа емитувани и од израелската телевизија, се гледаат мажи голи само во долна облека како седат или клечат на улица со рацете на тилот, со вперено оружје во нив од израелски војници.
Корисниците на социјалните мрежи ги осудија „нападите врз достоинството“ на затворениците, кои се во спротивност со меѓународното право, а некои ги препознаа своите пријатели и колеги меѓу луѓето на фотографиите, тврдејќи дека тие не се членови на Хамас.
Израелската армија „апси и испрашува“ осомничени во Појасот Газа, изјави за новинарите во неделата портпаролот Даниел Хагари.
„Уапсените за кои ќе се утврди дека не учествуваат во терористички активности се ослободени. Уапсените се третираат во согласност со меѓународното право“, рече. „Често луѓето за кои се сомневаме дека се работи за тероризам мора да се соблечат за да можеме да ги претресеме и да се увериме дека немаат оружје или појас со експлозив“, објасни Хагари.
Хагари во саботата вечерта рече дека во две упоришта на Хамас борците „се предале“ и дека „го предале оружјето и опремата“, меѓутоа не пружи докази за тоа.
Во саботата на социјалните мрежи се појави фотографија на која се издвојува еден од многуте мажи во долна облека. Некои затвореници ги држат рацете во воздух, чувани од вооружени израелски војници.
Палестинското исламистичко движење ги осуди „лагите“ на израелската армија, велејќи дека фотографиите објавени од израелските медиуми се лажни.
„Хероите на бригадите Ал Касам (вооружениот огранок на Хамас) не се предаваат, а лагите на израелските окупатори не можат никого да измамат“, рече високиот функционер на Хамас, Изат ал Ришк.
Тој го повтори тврдењето дека станува збор за „невооружени цивили од Газа, кои биле уапсени, а до нив било поставено оружје“. „Тврдењата на окупаторите дека се борци на бригадата Ал Касам се лажни“, рече тој.