„Bosch“ укинува 1.500 работни места во две германски фабрики до 2025-та

„Bosch“ планира да укине до 1.500 работни места во две германски фабрики до 2025 година, а тоа го објаснува со прилагодување на бројот на вработени на условите на промена на побарувачката и технологиите во автомобилскиот сектор.

Неделникот Automobilwoche беше првиот што објави за кратење на работни места.

„Како и другите компании, ние мораме да го прилагодиме бројот на вработени на состојбата на нарачките, структурните промени во секторот и навлегувањето на пазарот на идните технологии“, изјави портпаролот на „Bosch“.

„Ја гледаме потребата да се приспособат до 1.500 работни места до крајот на 2025 година во областите на развој, администрација и продажба во бизнисот Drives во фабриките Фојербах и Швибердинген“, додаде тој.

Од „Bosch“ рекоа и дека ќе се обидат да го постигнат ова преку прераспределување на вработените во други сектори, предвремено пензионирање или договори за доброволно отпуштање, додавајќи дека деталите се преговараат со работниот совет.