
Сараево во понеделникот вечерта се најде на врвот на листата на градови со најзагаден воздух во светот, откако со мерни инструменти е утврдена концентрацијата на штетни материи опасни по здравјето на луѓето.
Според податоците објавени од порталот AQAir, индексот на квалитетот на воздухот во главниот град на Босна и Херцеговина во вечерните часови изнесувал 317, што укажува на крајно ниво на опасност по здравјето.
Во исто време, концентрацијата на ситните честички прашина PM 2,5, кои продираат длабоко во белите дробови и можат трајно да му наштетат на здравјето, била 53,4 пати поголема од вредноста што ја смета за дозволена Светската здравствена организација (СЗО – WHO).
Така, Сараево стана град со најзагаден воздух во целиот свет, а веднаш зад него се градовите како Лахоре во Пакистан, Дака во Бангладеш и Калкута и Делхи во Индија, но со индекс на загаденост кој сè уште е значително помал и се движи од 229 до 298.
И покрај драматичните показатели за состојбата на воздухот, градските власти на Сараево не прогласија вонредни мерки, ниту воведоа никакви ограничувања.
Како главна причина за загадувањето во Сараево се смета т.н малите ложишта, односно јагленот кој сѐ уште го користат голем број домаќинства за греење, како и несразмерно големиот број автомобили низ градските улици, од кои повеќето со застарени мотори.
Локацијата на Сараево во котлина, исто така, се смета дека значително придонесува за загадувањето, што создава ефект на „контејнер со капак“ во зимските денови кога нема ветер, како што е деновиве.