Зошто владините коалициони партнери, Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) и Демократска Унија за Интерграција (ДУИ) се плашат од техничка влада, па низ кулоарите пуштаат информации за неучество на опозицијата во неа, кога такво нешто никој од ВМРО-ДПМНЕ нема споменато.
Очигледно, соочени со поразот кој им престои на двојните избори и претседателски и парламентарни, тоа им е посакувано сценарио за да немаат кој да им смета и да ги спречи во заткулисните игри, како на пример крадење на народни пари, но на денот на изборите и на гласови.
Дека власта предводена од СДСМ и ДУИ се спрема за грабеж на народните пари, се гледа од проекцијата на државниот буџет за следната, воедно и изборна година, кој до сега е историски најголемиот и ќе тежи цели 5,5 милијарди евра, што е за 5,8 отсто повеќе од 2023 година.
Владата планира да собере повеќе пари, но и повеќе да троши за капитални инвестиции, но и за плати, пензии, социјални трансфери… Во вака скроен буџет планирани се вкупни расходи од 343,6 милијарди денари или за 5,8 отсто повисоки во однос на 2023 година. За капитални инвестиции планирани се 773 милиони евра, за плати проектирани се 41,2 милијарди денари, за стоки и услуги планиран е износ од 25,3 милијарди денари, а за тековни трансфери и субвенции 215,3 милијарди денари. За социјални трансфери проектирани се 161,1 милијарди денари, од кои за исплата на пензии 83,6 милијарди денари, додека за надоместоци за социјална заштита на најранливите слоеви на населението околу 13,2 милијарди денари.
Значи власта, за трошење народни пари во изборна година со два изборни циклуса, на располагање си стави огромна сума, а од друга страна се плаши и посакува да нема техничка влада со учество на опозицијата, која би била механизам за спречување на злоупотребите на овие финансиски средства.
И стопанствениците и експертите не се изненадени од веста дека владата скроила буџет во кој се планираат повеќе капитални инвестиции, поддршка за приватниот сектор и зголемени социјални трансфери не е ништо ново за стопанствениците. Посебно не кога се презентира државна каса за година во која треба да се одржат избори, во случајов двојни, при што додаваат дека со скроениот буџет, власта купува мир но и глас повеќе, што е еднакво на поткуп при избори.
„Факт е дека секој досегашен буџет, па и овој за наредната година, е пред сѐ социјален и насочен на купување мир, но и глас повеќе за изборите. Тоа е така оти сѐ е политизирано, секоја одлука на владата се носи врз основа на тоа како таа ќе се одрази на изборите. Сѐ додека се мисли на интересите на политиката, а не на иднината на државата, се знае како ќе завршиме. Така нема да можеме да се надеваме дека ќе имаме посериозен развој“, вели за „Дојче Веле“ Ангел Димитров, стопанственик од Организацијата на работодавачи.
Освен финансискиот аспект на изборниот процес, не треба да го заборавиме и денот на изборите и гласањето и на што се’ е спремна власта за да го намали поразот, кој и’ е извесен. Треба да се потсетиме дека за време на одржувањето на рефендумот за Преспанскиот договор во 2018 година во неколку населени места како Сарај, Центар Жупа, во струшко Велешта и така натаму, се гласало, односно се полнеле кутии, со брзина на светлината. Поточно, до попладневните часови, односно до пресекот во 17 часот излезноста на гласачи во овие населени места била многу мала како што е ниска излезеноста воопшто, за потоа да се дојде до излезеност од околу 70 отсто, што резултира со гласање на лица, во просек, на десетина секунди. Нешто што е физички неизводливо.
Сето ова налага дека техничката влада, со учество на најголемата опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, е неопходност и потреба со цел да се спречат злоупотребите и полнењето на гласачките кутии со брзина на светлината и да биде кочничар и да спречи поткуп на гласачи, со народни пари, кој што го планираат и подготвуваат владејачките коалициски партнери СДСМ и ДУИ, на чело со се’ повеќе извесниот технички премиер, Талат Џафери.