Преглед НБА Лига: Денвер победи без исклучениот Јокиќ и повредениот Мареј

Втора вечер по ред Денвер Нагетс победија совладувајќи ги домашните Булс во Чикаго со 114:106, иако во игра влегоа без повредениот Џамал ​​Мареј, а второто полувреме го одиграа и без исклучениот Никола Јокиќ.

Ѕвездата на Нагетс беше исклучена на 68 секунди пред крајот на втората четвртина кога протестираше поради недосудена лична грешка над него. До исклучувањето, Јокиќ за 16 ипол минути на паркетот впиша четири коша, шест асистенции и девет скокови.

Покрај споменатите двајца, тимот на Мајкл Мелоун беше ослабен и со неиграњето на Кентавиус Колдвел-Поуп во вториот дел, кој на полувремето остана во соблекувалната поради удар во главата.

Во таков состав Реџи Џексон со 25 поени ги предводеше шампионите до победата, а Мајкл Портер постигна 17 поени. Џулијан Стротер постигна 16 поени, а Арон Гордон 14 поени, седум скока и шест асистенции.

Најдобар стрелец кај Чикаго беше Коби Вајт со 27 поени, а најдобар играч на Булс беше Никола Вучевиќ, кој имаше 26 поени и 16 скока.

Бостон Селтикс остана единствениот непоразен тим на домашен терен, а во својот „ТД Гарден“ против Кливленд Кавалирс со 120:113 ја остварија 11-та победа сезонава. Со учинок од 17-5, Бостон е водечки тим во Источната конференција и се изедначи со водечкиот тим на Западот, Минесота Тимбервулфс.

Кај победниците 25 поени постигнаа Џејлен Браун и Џејсон Тејтум, кои имаа и по десет скока. Исто така, Кристапс Порзингис впиша 21 поен. Дерик Вајт погоди пет „тројки“ и натпреварот го заврши со 17 поени.

Селтикс го скршија натпреварот на шест минути пред крајот, кога при 106:106 направија серија од 9:0, од ​​која Кавалирс не се опоравија. Кај гостите Донован Мичел постигна 29 поени.

Сличен исход имаше и во „Американ Ерлајнс центарот“ во Далас, каде домашните Маверикс ги совладаа Лос Анџелес Лејкерс со 127:125. Лука Дончиќ го доведе Далас во водство на шест ипол минути пред крајот на натпреварот при резултат 108:108, коешто избраниците на Џејсон Кид не го испуштија до крајот.

Словенечкиот кошаркар беше најдобар стрелец кај Маверикс со 33 поени, а додаде и 17 асистенции. Тим Хардавеј Џуниор постигна 32 поени, а Данте Ексум постигна 26 коша потигнувајќи седум „тројки“ што е негов личен рекорд во НБА.

Во првиот натпревар по триумфот во Лас Вегас, победниците на НБА Купот уште еднаш ги предводеа Ентони Дејвис со 37 поени и 11 скока и Леброн Џејмс со 33 поени и девет асистенции.

Поразот на Лејкерс, кои имаат скор 14-10, го искористија ЛА Клиперс и Феникс Санс кои им се доближија на само една победа со сооднос на победи и порази од 13-10.

Санс во Феникс ги победија Голден Стејт Вориорс со 119:116, иако останаа без повредениот Кевин Дурент. Санс по третпат оваа сезона ги совладаа Вориорс (3-0), чиј стартна петорка имаше очајна шутерска вечер, погодувајќи само 12 од 44 обиди од поле, од кои осум постигна Стивен Кари, кој беше Најдобар стрелец на Вориорс со 24 поени.

Во четвртата минута од третата четвртина, Вориорс останаа без Дрејмонд Грин, кој беше исклучен откако со отворена дланка во глава го удри Јусуф Нуркиќ во битката за позиција.

Поради сево ова, Стив Кер им даде поголема минутажа на играчите од клупата кои ги држеа гостите во игра речиси до самиот крај. Со положувањето на Брандин Поџиемски на 15 секунди до крајот, Голден Стејт заостануваа само еден поен (114:115), но по двете слободни фрлања на Букер за 117:114, Стивен Кари промаши „тројка“ за израмнување.

Букер за Санс постигна 32 поени и имаше седум асистенции. Јусуф Нуркиќ ги пополни статистичките колони со 17 поени, 13 скока и седум асистенции, а Бредли Бил и Џордан Гудвин постигнаа по 16 поени.

Покрај капитенот Кари, најдобри играчи на Вориорс беа Брандин Поџиемски со 20 поени и 11 скока и Крис Пол, кој имаше 15 поени и 11 асистенции против својот поранешен тим.

Голден Стејт го претрпеа 11-от пораз во последните 15 настапи и паднаа на 11-то место во Западната конференција.

За разлика од нив, ЛА Клиперс имаат пет победи, а последната ја постигнаа совладувајќи ги Сакраменто Кингс со 119:99 пред своите гледачи, иако во второто полувреме беа без Пол Џорџ, кој остана во соблекувалната поради повреда на препоните.

Кави Ленард беше одличен, шутираше 11/14 од поле и постигна 31 поен, трет натпревар по ред постигнувајќи 30 или повеќе поени. Го следеа Џејмс Харден и Норман Пауел со по 15 поени. Харден додаде седум асистенции и шест скока. Прв стрелец кај „кралевите“ беше Киган Мареј со 17 поени, а Домантас Сабонис додаде 15 поени и 10 скока.