На европските берзи во среда претпладнето се тргува претпазливо, бидејќи инвеститорите не сакаат да ризикуваат пред одлуките и пораките на претседателот на американската централна банка.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции претпладнето порасна за 0,1 отсто. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,12 отсто, на 7.550 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,10 отсто, на 16.808 поени, а париски CAC за 0,22 отсто, на 7.560 поени.
Инвеститорите денеска ќе бидат фокусирани на одлуките на последната седница на американски Fed годинава, како и на пораките на шефот на американската централна банка за инфлацијата, каматните стапки и економијата.
А на азиските берзи цените на акциите паднаа. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, беше во минус од 0,6 отсто во истиот дневен пресек. Истовремено, на Токиската берза индексот Nikkei порасна за 0,3 отсто, а за исто толку пораснаа и цените на акциите во Австралија. Во Шангај, Јужна Кореја и Хонгконг, пак, паднаа меѓу 0,8 и 1,1 отсто.
Кинеските берзи се под притисок бидејќи инвеститорите не беа импресионирани од најавата за новите владини стимулативни мерки. За да го поттикнат растот на економијата, властите најавија нови мерки за стимулирање на домашната побарувачка, но, според аналитичарите, не најавија ништо особено ново за стабилизирање на секторот за недвижности, кој долго време е во криза.
Ова е причината зошто инвеститорите не беа импресионирани од растот на Волстрит во вторникот, четврти ден по ред. Индекост Dow Jones зајакна за 0,48 отсто, додека S&P 500 порасна за 0,46 отсто, а индексот Nasdaq за 0,70 отсто.
Сите три индекса годинава ги достигнаа своите највисоки нивоа, откако извештајот покажа дека инфлацијата се движи во согласност со очекувањата, иако не забележа значително олеснување во однос на претходниот месец.
Потрошувачките цени во ноември пораснале за 0,1 отсто во однос на октомври, додека на годишна основа се повисоки за 3,1 отсто. Базичната стапка на инфлација, која ги исклучува цените на енергијата и храната, беше 4 отсто, што е сепак значително повисока од целното ниво на Fed од 2 отсто.
Овие податоци го зајакнаа уверувањето на инвеститорите дека челниците на американската централна банка нема дополнително да ги зголемуваат каматните стапки на овонеделната сесија.
Сепак, оптимизмот во однос на првото намалување на каматните стапки во следната година донекаде е намален.
Пред овие податоци, пазарот на пари проценуваше дека има околу 50 отсто шанси ФЕД да почне да ги намалува каматните стапки веќе во март, додека сега тие шанси се намалени на 43 отсто.
Исто така, сега има околу 78 отсто шанси ФЕД да ги намали каматните стапки во мај, од 75 отсто пред објавувањето на извештајот за инфлацијата.
Сепак, тоа ќе зависи од трендот на инфлацијата и економијата во наредните месеци.