
Компјутерската томографија е обезбедена во соработка со Клиниката за неврологија од Скопје, а ќе работи во рамки на одделот за рентгенологија, каде претходно беа прилагодени простории што ќе одговорат на потребните услови за нејзино функционирање.
– За реновирање и адаптација на просторот за компјутерската томографија вложивме сопствени средства од околу 1,1 милион денари, со оглед што се работи за апаратура со поголем габарит. Обезбедивме шест рентген технолози и медицинска сестра кои деновиве ќе имаат кратка обука за работа со опремата, а во зависност од потребите ќе користиме и консултантски услуги на стручно лице од Скопје. Освен нив, ќе работат и тројца наши лекари, од кои двајца веќе се овде, а еден очекуваме наскоро да се врати од специјализација, Во договор со Фондот по потреба доаѓаат и лекари од болницата во Штип. За да одговориме на потребите на пациентите, ќе воведеме 24-часовно дежурство. По инсталирањето на опремата ќе се направи контрола од државната Дирекција за радијациона сигурност, а наша цел е во што пократок период да почне користењето на уредот, истакна Душанка Горгиева Трпевски, в.д. директорка на Општата болница во Кочани.
Опремата за компјутерска томографија ќе можат да ја користат лекарите од различни специјалности, односно за дијагностика при интернистички, ортопедски, хируршки, невролошки и друг вид интервенции.
– За нашата специјалност компјутерската томографија е еден од најзначајните начини за дијагностика, најчесто се користи за снимање на главата со што брзо можат да се детектираат церебро-васкуларните болести, што е една од најчесто третираните патологии на нашето одделение. Исто така, ќе може да се користи и за дијагностицирање на малигни болести, заболувања на `рбетниот столб и `рбетниот мозок, а со оглед што овозможува брза, лесна и точна дијагностика на заболувањата кај пациентите, ќе се скрати и времето за лекарска интервенција, истакна Маја Шоповска Китанова, специјалист по неврологија.
По инсталирањето таа ќе биде внесена во системот Мој термин, што значи дека освен за пациентите од Кочани и регионот, ќе им биде на располагање и на пациенти од другите општини во државата.