Мишел: Европскиот совет одлучи да отпочне пристапни преговори со Украина и Молдавија

Европскиот совет одлучи да ги отвори пристапните преговори со Украина и Молдавија, објави Шарл Мишел на платформата X.

„Европскиот совет и додели кандидатски статус на Грузија. И ЕУ ќе отвори преговори со Босна и Херцеговина кога ќе се постигне потребното ниво на усогласеност со критериумите за членство и ја покани комисијата да поднесе извештај до март за да донесе таква одлука“.

Тој напиша дека тоа е „јасен знак на надеж за нивниот народ и за нашиот континент“.

По објавата на Мишел, на платформата Икс се огласи и украинскиот претседател Володимир Зеленски кој напиша дека ваквата одлука е победа за Украина.

„Ова е победа за Украина. Победа за цела Европа. Победа која мотивира, инспирира и зајакнува“, напиша тој.

За одлуката за Х се огласи и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која напиша дека ова е стратешка одлука и ден кој ќе остане врежан во историјата на нашата Унија.

„Горди сме што ги исполнивме нашите ветувања и среќни сме за нашите партнери“, пишува фон дер Лајен.

Одлуката за отворање на пристапните преговори со Украина и со Молдавија беше неизвесна до самиот крај бидејќи унгарскиот премиер Виктор Орбан најавуваше дека ќе стави вето.

„Гардијан“ пренесува дека Орбан ја напуштил просторијата кога требало да се гласа за оваа одлука. Британскиот медиум потоа објави дека Орбан во видео обраќање на својот фејсбук-профил рекол дека се уште ја смета одлуката за членство на Украина за лоша, но решил да ги остави другите 26 членки да ја донесат одлуката.