Герт Вилдерс, челникот на холандската крајна десница и победник на изборите на 22-ри ноември, постигна нов политички успех во четвртокот, откако Мартин Босма од неговата антиисламска Партија на слободата (PVV) беше избран за претседател на Долниот дом на парламентот.
Босма е пратеник од партијата Вилдерс во парламентот од 2006 година и е првиот националистички политичар кој е избран за претседател на парламентот.
Босма тесно го победи кандидатот од коалицијата Зелена левица-лабуристи и покрај жестоките критики од неколку партии, кои протестираа дека Босма секогаш застанувал на страната на Вилдерс кога го нарекувал Долниот дом „лажен парламент“, а холандските судии „целосно корумпирани“.
Самиот нов претседател на парламентот во неколку наврати изјави дека е загрижен поради, според него, промислени намери на левичарските елити да го заменат првобитното холандско население со муслимански имигранти.
Педесет идеветгодишниот Босма во текот на долгата дебата во четвртокот вети дека ќе биде неутрален претседател во согласност со холандската традиција.
Партијата PVV на Вилдерс беше јасен победник на изборите, но со оглед на тоа што освои околу четвртина од вкупниот број гласови, мора да најде партнери за формирање на владејачка коалиција. Засега тоа не му успева, а двајца негови клучни потенцијални партнери изразија сериозни сомневања за соработката со него.