Иселувањето е клучно за демографската иднина, а резултатите од пресметките веќе срочени во документ. Државниот завод за статистика (ДЗС) изготви проекции за населението на Македонија до 2070 година. Од ДЗС велат дека целта на проекциите е надлежните да ги отворат очите и да се носат стратегии базирани на податоци.
„Резултатите од анализираните податоци од проекциите на населението укажуваат дека во догледно време тешко може да се очекува подобрување на демографската состојба доколку не се интервенира со соодветни решенија.“, велат до ДЗС.
Како еден од клучните показатели е просечната бројка од околу 12 илјади лица кои мигрираат на годишно ниво. Македонија ќе треба да увезува работна сила, а најдоброто сценарио за демографската иднина е за деценија отсега да се интегрираме во Европската унија.
Социологот Илија Ацески анализира – не е проблем само надворешната миграција туку и внатрешната. Испразнети села и помали градови, на сметка на главниот град.
„Македонија е подрачје кое не сега туку стотина години наназад е подрачје на иселување, но сега тоа е драматично. И тоа сѐ повеќе и повеќе ќе се одразува на еден нормален развој на државата. Тука е проблемот. Државата мора да најде начин особено на помалите места и градови да успее да задржи дел од таа квалификувана работна сила, особено младите да останат тука каде што живеат, да развиваат бизниси, да работат.“, изјави проф. Д-р Илија Ацески – Социолог.
По 1998 година, ова е вторпат како ДЗС прави вакви проекции. Бројките од проекциите официјално ќе бидат презентирани денеска.
Овие пресметки се прават по Пописот од 2021 година – пребројување кое се изврши по две децении.