Иако гласовите се уште се бројат, Вучиќ прогласи победа, опозицијата не ги признава неговите резултати

На изборите во Србија гласовите се уште се бројат, претседателот Александар Вучиќ синоќа прогласи победа на парламентрните, покраинските, локалните и изборите на Белград, а опозицијата соопшти дека не ги признава резултатите што ги соопшти Вучиќ, дека е направено невидено изборно насилство и дека ќе бараат решение по демократски пат, преку РИК, не исклучувајќи и протести, јави дописникот на МИА од Белград.

Она што денеска официјално е соопштено, од Републичката изборна комисија (РИК), е дека се обработени 7.816 од 8.273 избирачки места.

Според нивните податоци, листата на СНС освоила 46,9 отсто од гласовите, листата Србија против насилството 23,31 отсто, СПС 6,6 отсто, коалицијата НАДА 5,01 отсто, а листата предводена од Бранимир Несторовиќ 4,67 отсто од гласовите.

Кога станува збор за малцинските листи, цензусот го надмина СВМ 1,72 отсто гласови, СПП 0,78, СДА Санџак 0,61, „Политичката борба на Албанците продолжува“ 0,38, Руската партија 0,3 отсто гласови.

Од невладините ЦеСИД и ИПСОС (95,3 отсто од обработениот примерок) проекциите се: СНС освои најмногу гласови – 46,3 отсто (127 мандати во Собранието кое брои 250 пратеници), листата „Србија против насилството“ – 23,6 отсто (65 пратеници), листата на СПС на Дачиќ 6,6 отсто (18), листата предводена од Бранимир Несторовиќ – 4,8 отсто (13) и коалицијата НАДА-ДСС – 4,9 (13).

Изборниот праг го поминаа и пет малцински листи: СВМ 1,7 отсто од гласовите (шест пратеници), листата предводена од СЈО 0,9 (тројца), СДА Санџак 0,6 (двајца), листата „Политичката борба на Албанците продолжува“ 0,5 (двајца) и Руската партија 0,3 (еден).

Претседателот на РИК Владимир Димитријевиќ изјави дека првичните прелиминарни резултати ќе бидат објавени денеска до 20 часот.

Но, ова ќе бидат резултати без пријавите на кршење на изборните правила, кои се веќе најавени, што значи дека со евентуалното прегласување, за конечните резултати да бидат прогласени ќе треба подолг временски периот, што беше случај и со изборите пред неполни две години (2022), кога владата се формираше шест месеци по одржување на тие избори.

Вучиќ на синоќешната прес-конференција прогласи убедлива победа на сите нивоа на изборите, изјавувајќи дека „ваков добар резултат СНС нема остварено подолг период“, бидејќи ќе бидат во можнст и самите, без коалиции, да формираат влада, како и да изберат градоначалник на Белград коалицирајќи со некоја од другите партии, како од листата на Несторовиќ или на СПС на Дачиќ.

Тој, покрај резултатите, според пребројаните гласови од СНС, а кои се совпаѓаат со денеска соопштените резултати на РИК и Ипсос, ги кажа и изборните резултати за градот Белград.

Според него, на „најбитните избори за градот Белград“, каде опозицијата се надева на победа, за градското собрание кое брои 110 одборници, СНС освоила 49 мандати, Србија против насилството 42 мандати, ДСС-Нада има седум мандати, Несторовиќ листата има шест мандати и Дачиќ со СПС шест мандати.

Синоќа по долго чекање на прес – конференцијата на проевропската опозиција Србија против насилството, по обраќањето на Вучиќ, беше соопштено дека оваа коалиција не може да ги прифати изборните резултати и на државно ниво и во градот Белград „онака како што ги соопшти претседателот на Србија, Александар Вучиќ“ и ќе бараат од РИК да им се достават „физичките записници од лице место“, обвинувајќи притоа за „невидено изборно насилство“.

– Денеска видовме нешто што не беше пракса, луѓето кои не живеат во Белград беа донесени да гласаат како да се Белграѓани. Собирниот центар беше Арена Соко Штарк и за тоа имаме информации што ќе ги презентираме. Не можеме да го прифатиме ова како резултат на фер и демократски избори, рече Мирослав Алексиќ, носител на листата „Србија против насилство“.

Според нив, биле евидентирани 450 кршења на бирачки права, масовно гласање, 40.000 новосоздадени лични карти пред изборите на лица кои не живеат во Белград, посочувајќи ја Арена како „собирен центар на фантомски гласачи“ пред се од Република Српска.

– Сосема е јасно дека во Белград опозициските партии добија повеќе гласови од партиите кои досега ја претставуваа власта во главниот град, изјави претседателот на Партијата на слободата и правдата, Драган Ѓилас.

Откако ќе ги добијат сите податоци, кажа тој, ќе поднесат приговори, ќе одат во РИК и ГИК физички да ги бројат гласовите, а ќе се договорат и да побараат поддршка од граѓаните на Белград на начин што одговара на ситуацијата.

– Она што е јасно е дека нема да употребиме никакво насилство. Ние сме листа која се бори против насилството и за пристојност, нормалност, демократија и правото на граѓаните да гласаат слободно. На прашањето дали повторно ќе има протести, тој одговори – се е можно!

Денеска коалицијата „Србија против насилството“ соопшти дека врз основа на 81 отсто од нив преброени гласови во Белград, листата на СНС имала 21.000 гласови повеќе.

– Со оглед на тоа што во Белград организирано беа донесени над 40.000 луѓе без легален престој за да ја поддржат листата на СНС, што драстично ја промени изборната волја на граѓаните на Белград, бараме поништување на изборите во градот Белград и повторување на гласањето за Градското собрание, се вели во соопштението од опозицијата.

Тие посочија и дека прво бараат прочистување на избирачкиот список и ги поканија Белграѓани да протестираат пред градското собрание, од каде, како што рекоа, ќе се упатат кон седиштето на РИК.

Како што наведуваат локалните медиуми, најголемо изненадување на овие избори е листата на Д-р Бранимир Несторовиќ, а најголемо разочарување е СПС на Ивица Дачиќ, кој изјави дека „е време некој друг да ја предводи оваа партија“.