Само 27 отсто од учениците во земјава се чувствуваат безбедно во училиште

Коалицијата на младински организации „Сега“ организираше панел дискусија: „Како до училиште без насилство“. На настанот се дискутираше за потребите и предизвиците на училиштата при превенција и постапување при случаи на разни форми на насилство, при што активно се вклучија наставници и стручни соработници од основни и од средни училишта, институции, граѓански организации и ученици.

Учениците потврдија дека можат да бидат партнери на наставниот кадар и на стручните соработници во училиштата за превенција од насилството врз нив. Стручните соработници во училиштата ги истакнаа актуелните капацитети и предизвици за справување со формите на насилство во училиштата.

На настанот беа презентирани и наодите од Државниот просветен инспекторат како и на Канцеларијата на Народниот правобранител, Васка Бајрамовска Мустафа – Заменик народен паавобранител, ги потенцираше недостатоците на училиштата утврдени на терен во однос на заштитата на децата на сите нивоа.

За потребите на проектот е направено почетно истражување во проектни училишта, со опфат од: 25 училишта (13 основни и 12 средни училишта), 810 ученици, 370 наставници, 74 стручни соработници и директори, 673 родители.

„Само 27 отсто од учениците во Македонија целосно се чувствуваат безбедно во училиштето. За да го превенираме насилството во училиштето мора да се практикува пристапот на суштинско вклучување на учениците и на сите чинители во училиштето (наставници, стручни служби, училишни тела, родители итн)”, изјави Зоран Илиески, извршен директор на Коалицијата на младински организации „Сега“.

„Училишното насилството се манифестира во различни форми, како што се вербалното, социјалното и психичкото насилство. Дополнително на училиштата им е потребна поддршка за справување со кибер насилство кое зема се поголем замав во пост-ковид периодот. Ученичките организации можат да бидат сериозен фактор и сериозно да придонесат кон подигнување на свеста од последиците од разните форми на насилство”, изјави Томислав Гајтаноски, тим лидер на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“.

Панел дискусијата „Како до училиште без насилство” се организираше во рамки на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“ кој се спроведува од Коалицијата на младински организации „Сега“ во партнерство со македонскиот Центар за граѓанско образование, Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ и Смарт Ап – Лабораторија за социјални иновации, а финансиски е поддржан од детската фондација „Песталоци“. Проектот се спроведува во периодот септември 2023 – август 2026 година.

Цел на проектот е да придонесе кон остварување на правото на децата за квалитетно образование во безбедна и партиципативна училишна средина.