
Францускиот парламент доцна ноќта во вторникот изгласа контроверзен и построг закон за имиграција, што предизвикува непријатност кај дел од левото крило на владејачката партија и, според медиумите, можна е оставка на некои министри, пренесоа во средата агенциите.
Откако минатата седмица опозицијата во Националното собрание го одби владиниот предлог, мешовитата комисија на Националното собрание и Сенатот (долниот и горниот дом) постигнаа компромис и законот беше усвоен во двата дома на парламентот.
За законот гласаа и членовите на крјано десничарската партија Национален собир (RN).
Претставник на Преродба (Renaissance), партијата на Макрон оваа поддршка ја нарече „бакнеж на смртта“ и заклучи „Сега сме во рацете на Националниот собир, изгубивме на сите фронтови“.
Министерот за внатрешни работи Жерал Дарманен го бранеше законот пред Сенатот, велејќи дека тој ќе им овозможи на странските работници да добијат правен статус. .
„Со овој закон за имиграција ќе го удвоиме бројот на регуларизации на работните странци. Секоја година, 10.000 дополнителни странски работници ќе добиваат редовен статус“, рече тој.
Оваа бројка Дерманен ја претстави првпат за да го смири левото крило во владејачката партија, пишува агенцијата AFP.
Претседателот Емануел Макрон подоцна во средата ќе ѝ се обрати на јавноста и ќе зборува за новиот закон, објави телевизијата BFMTV.
Построгите правила за мигрантите предизвикуваат вознемиреност кај левото крило на партијата на Макрон, а француските медиуми шпекулираат дека некои министри може да поднесат оставки.
Министерот за здравство Орелиен Русо беше првиот што го стори тоа, објавија Le Figaro и Le Parisien, но не можеа да потврдат дали премиерката Елизабет Борн ја прифатила оставката.
Дебатата за законот за имиграција ја подели владата на десниот центар предводена од претседателот Макрон. Владата направи значителни отстапки пред конзервативците за да обезбеди зелено светло за законот, но тоа ги налути левичарските членови на партијата.
Француската влада посочува дека целта на новиот закон е подобра контрола на имиграцијата и подобрување на интеграцијата на имигрантите.