Фудбалерите на Баер и Баерн, двете водечки екипи во германската Бундеслига, успешно ја завршија задачата во тековното 16. коло.
Лидерот Баер го победи Бохум во Леверкузен со 4:0. Веќе на полувремето Баер создаде три гола предност, а се истакна чешкиот напаѓач Патрик Шик кој ги постигна сите погодоци. По реализираниот пенал во 30. минута, тој ја погоди противничката мрежа и во 32. и 45. минута. Во продолжението Бонифас беше стрелец за конечното убедливо славје на лидерот во Бундеслигата.
Така, Баер сѐ уште има четири бода предност пред вториот Баерн, со тоа што Баерн има натпревар помалку. Во ова коло Баварците на гостински терен го победија Волфсбург со 2:1. Стрелци во 33. и 43. минута за гостите за 2:0 беа Мусиала и Кејн. Во судиското надополнување на првиот дел, Арнолд намали на 1:2 и покрај шансите на двете страни во вториот дел, резултатот не се промени.
Убедлив домаќин беше Штутгарт кој со 3:0 го победи Аугсбург. Во првото полувреме стрелци беа Ундав во 18. минута и Гуираси во 45. минута, додека домашната доминација беше заокружена со голот на Фуерих во 69. минута. Штутгарт се врати на третото место во табелата.
Ајнтрахт направи голем пресврт на домашен терен против Борусија Менхенгладбах и победи со 2:1. Во 27. минута Вобер ги доведе гостите во водство, но истиот играч беше исклучен во 88. минута. Во судиското надополнување дојде до голем пресврт, а головите за домашните ги постигнаа Бута во 92. минута и Кох во 97. минута.
Победа испушти и Фрајбург, кој до 84. минута водеше со 2:1 кај Хајденхајм. Потоа Клајдиенст израмни, додека Гинтер во 92. ја погоди сопствената мрежа за 3:2 Хајндехајм.
Унион Берлин забележа нова првенствена победа совладувајќи го Келн на домашен терен со 2:0. Унион Берлин го дотолчи противникот со голови во вториот дел. Најпрвин Холербах по убавиот дриблинг погоди откосо под самата пречка во 56. минута за 1:0, додека во 78. минута Фофана погоди за 2:0 по ефективната асистенција на Воланд. Со оваа победа Унион Берлин се искачи за една позиција и моментално е на 15. место. Келн остана претпоследен.