Болоња по продолженијата го елиминираше Интер од Купот

Фудбалерите на Болоња се пласираа во четвртфиналето на Купот на Италија, откако го совладаа Интер со 2:1 по продолженијата на милански „Сан Сиро“ пред 80.000 гледачи.

Избраниците на Тиаго Мота продолжуваат со одлични резултати оваа сезона. Болоња е најпријатното изненадување во италијанскиот шампионат и моментално е на четвртото место на првенствената табела. Избраниците на Мота одлично притискаат и во „Копа Италија“ каде првпат во последните 11 години стигнаа до четврт-финалето.

Интер доминираше во поголемиот дел од натпреварот, а на почетокот на продолжението имаше водство од 1:0, но гостите со два гола во последните осум минути го свртеа резултатот.

Лидерот во Серија А можеше да поведе во 65. минута, но Лаутаро Мартинез не го реализираше пеналот. Шутираше во долниот десен агол, но Федерико Раваља го одбрани ударот. Домашните поведоа во втората минута од продолжението со голот на Карлос Аугусто. Сем Беукема израмни во 112. минута, а победата на гостите им ја донесе Ден Ндоје по одличниот контранапад во 116. минута.

Болоња во четвртфиналето ќе игра против Фиорентина, која на почетокот на декември ја победи Парма со подобро изведување пенали.