Илјадници луѓе излегоа на улиците на Буенос Аирес да протестираат против владините мерки за штедење, што се сметаше за прв вистински тест за новоизбраниот претседател на Аргентина, Хавиер Милеи.
Демонстрантите се движеа кон главниот плоштад, Плаза де Мајо, историско собирно место пред претседателската палата, барајќи поголема финансиска поддршка за сиромашните.
Милеи ја презеде функцијата претходно овој месец со ветување дека ќе ја намали јавната потрошувачка и најави опсежни економски реформи и девалвација на националната валута за 54 проценти.
Ги скрати државните субвенции за гориво и превоз, а намален е и државниот апарат. Бројот на министерства е преполовен од 18 на девет, со образложение дека тоа е неопходно за да се реши акутната аргентинска економска криза.
Милеи, исто така, ја најави ориентацијата на надворешната политика на Аргентина кон САД и Израел, како и оддалечување од Кина и левичарските регионални партнери.
Според проценките на Католичкиот универзитет во Аргентина, 44,7 отсто од населението живее под прагот на сиромаштија, а без државните социјални програми тоа би било 50 отсто.
Полицијата ги насочи демонстрантите подалеку од коловозот за да може да се одвива патниот сообраќај.
„Ова е мирна мобилизација. Не сакаме никаков вид конфронтација. Не сакаме никаков конфликт“, изјави за локалното радио Едуардо Белибони, водач на левичарската протестна група Поло Обреро, кој прв повика на протести.
Протестот се одржа во средата, откако новиот министер за безбедност минатата недела го обелодени „протоколот“ за одржување на јавниот ред кој им овозможува на безбедносните сили да интервенираат.
Владата издаде и предупредување дека луѓето кои ги блокираат улиците може да го загубат правото на државни бенефиции.