Израел ја јакне офанзивата врз Газа пред новото гласање во Советот за безбедност на ОН

Се чини дека израелските сили ја прошируваат својата копнена офанзива со нов напад врз централна Газа во петокот, додека Советот за безбедност при Обединетите нации го очекува гласањето за резолуција за зголемување на хуманитарната помош за да се спречи глад во таа палестинска енклава, пренесува Reuters.

Израелската армија им нареди на жителите на Ал Буреија во централниот дел од Појасот Газа во петокот да се преселат на југ на енклавата, што укажува на создавање ново жариште на израелскиот копнен напад.

Како што бледеат надежите дека ќе биде постигнат напредок во преговорите оваа седмица во Египет за ново примирје меѓу Израел и Хамас, се исвестува за нови воздушни напади, бомбардирања и копнени борби ширум палестинската енклава. Израелскиот министер за надворешни работи Ели Коен рече дека преговорите за ослободување на заложниците продолжуваат, но одби да даде поединости.

Израелската влада предводена од Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе го искорени Хамас во Газа откако борците од исламистичката група убија близу 1.200 и киднапираа 240 лица во нападот од 7-ми октомври во јужен Израел, според израелските податоци. Израел соопшти дека изгубил најмалку 140 војници од почетокот на копнената инвазија 27-ми октомври, покрај најмалку 312 убиени војници и припадници на безбедносните служби во нападот од 7-ми октомври.

Министерството за здравство во Газа објави дека од почетокот на израелските напади биле убиени 20.057 Палестинци, од кои третина се деца, а уште 53.320 се ранети или осакатени.

Зголемениот биланс на жртвите во одмазничката воена кампања на Израел предизвика остра меѓународна критика кои западните сојузници се обидуваат да ја придушат со низа закони, забрани и медиумско игнорирање, па дури и од Соединетите држави, најцврстиот сојузник на Израел.