Преглед Премиер Лига: Реми во дербито на Ливерпул и Арсенал

Во пресметката меѓу двете трофејни екипи од самиот врв на табелата Ливерпул и Арсенал одиграа 1:1, па лондонските „Топчии“ останаа водечки тим по 18-те кола на англиското првенство.

На „Енфилд“ во саботата беше проследен одличен натпревар во кој домашниот Ливерпул беше поблиску до победата, но на крајот сепак Арсенал однесе бод.

Дуелот почна одлично за гостите од Лондон, кои поведоа веќе во 4. минута. Мартин Одегард нафрли од слободен удар од левата страна, а Габриел Магаљаеш со глава погоди за 1:0. Погодокот беше проверуван поради можен офсајд, но судијата Крис Каванах покажа на центарот. Ливерпул израмни во 29. минута, кога Терент Александер-Арнолд со одлична долга топка го послужи Мохамад Салах кој лесно се ослободи од Александар Зинченко и одлично погоди во самиот агол под пречката за 1:1.

Во продолжението од натпреварот повеќе немаше голови, а играчите на Ливерпул двапати ја погодуваа рамката од противничкиот гол. Во 70. минута шутираше Харви Елиот и ја погоди стативата. Само три минути подоцна домашните имаа уште поубава шанса, кога во противнапад пет на два, Салах додаде до Алескандер-Арнолд кој од близина ја погоди гредата.

Со овој резултат редоследот на табелата остана непроменет – Арсеал е прв со 40 бодови, Ливерпул го следи со бод помалку, колку што има и третопласираната Астон Вила.

Тотенхем во претходно одиграниот натпревар во Лондон со 2:1 го совлада Евертон, впишувајќи ја третата последователна победа. Лондонскиот тим поведе веќе во 9. минута со голот на Ричарлисон, а минаа уште толку минути кога водството го удвои Сон Хеунг-мин. Евертон намали дури во 82. минута преку Андре Гомеш, а во судиското продолжение можеше да дојде и до бод, но Арно Данжума не искористи голема шанса.

Тотенхем моментално се искачи на четвртото место со 36 бодови, два повеќе од новиот светски клупски шампион Манчестер Сити кој има меч помалку кој дуелот со Брентфорд од ова коло ќе го одигра во друг термин. Евертон остана на 16-то место со 16 бодови, моментално четири повеќе од зоната на испаѓање.

А токму на таа позиција 18-та се наоѓа Лутон кој сега има 12 бодови со меч помалку, а во саботата го изненади Нукасл Јунајтед со голот на Андрос Таунсенд во 25. минута и дојде до третата лигашка победа сезонава. Њукасл остана на седмата позиција со 29 бодови.

Важни бодови во борбата за зачувување на премиерлигашкиот статус оствари Барнли поразувајќи го на гостувањето Фулам со 2:0. Стрелци за гостите беа Вилсон Одеберт во 47. и Сандер Берге о 66. минута.

Така Барнли избега од последното место на тебелата, 19-ти е но сега со 11 бодови, три помалку од позиците кои гарантираат опстанок. Фулам остана 12-ти со 21 бод.

Нотингем Форест и Борнмут одиграа одличен натпревар во кој на крајот славеа гостите со 3:2, а сите пет погодоци беа постигнати во второто полувреме. Играч на мечот беше Доминик Соланке кој ги постигна трите гола за гостите.

Домашните останаа со играч помалку во 23. минута кога беше исклучен Вили-Арнод Боли, а гостите до полувремето не успеаја да го материјализираат тоа. Нотингем иако бројно инфериорен сепак поведе во 47. минута преку Антони Еланга. Саланкге израмни по само четири минути, а веќе во 58. минута со својот втор погодок направи пресврт во полза на Борнмут. Домашните успеаја да израмнат преку Крис Вуд во 74. минута, а кога се чинеше дека дуелот ќе заврши без победник Соланке во четвртата минута од судиското продолжение погоди за победа на гостите.

Борнмут сега со одиграни 17 кола моментално се искачи на 11-то место со 22 бодови, а Нотингем Форест остана на 14 бодови и на 17-то место, последното кое гарантира опстанок.

Во првиот саботен натпревар од 18. коло Вест Хем Јунајтед на свој терен со 2:0 го совлада Манчестер Јунајтед, продлабочувајќи ја резултатската криза на „Црвените ѓаволи“.

Домашните повдоа во 72. минута со голот на Џерод Боувен по одличната асистенција од Лукас Пакета. Ова е веќе 11-ти погодок на Боувен сезонава, а повеќе од него постигна само напаѓачот на Манчестер Сити, Ерлин Халанд кој досега впиша 14 погодоци.

Уште еден податок е интересен во врска со ова остварување на Боувен: тој е првиот играч на Вест Хем Јунајтед кој во една сезона пред божикните празници (25-ти декември) постигла 11 голови, по 1997 година кога тоа му успеа на Џон Хартсон.

Прашањето на победникот Вест Хем го реши веќе во 78. минута, кога погоди Мохамед Кудус по уште една одлична асистенција на Пакета, веќе петта во последните две кола. При овој погодок грубо згреши Коби Мејну кој ја загуби топката, што го искористи Пакета форсирајќи го Кудус во стопроцентната шанса која овој ја реализираше.

Ова е веќе четврти меч во низа во кој Манечстер Јунајтед не постигнува погодок, а последниот го постигна во 69. минута во победата од 2:1 со Челзи, а потоа следуваа дуелите без погодок со Борнмут (0:3), Баерн Минхен (0:1), Ливерпул (0:0) и сега Вест Хем (0:2).

Вест Хем Јунајтед со оваа победа се проби на шестото место на табелата со 30 бодови, а Манчестер Јунајтед падна на осмата позиција со два бода помалку.