Ѕвездата на Филаделфија 76ерс, Џоел Ембиид, ќе го пропушти понеделничкиот божикен натпревар против Мајами Хит поради истегнување на десниот зглоб.
Сиксерс објавија дека Ембиид не отпатувал со тимот во Мајами, но сѐ уште не е исклучен за следниот натпревар на тимот во среда кај Орландо Меџик.
Ембиид се повреди за време на првата четвртина од победата на Филаделфија со 121:111 над Торонто Репторс во петокот, но се разигра и постигна 31 поен и 10 скока. Ембиид потоа молчеше за повредата, велејќи дека ќе оди на преглед на зглобот и „ќе види“ дали тоа му пречи.
Така, актуелниот МВП на лигата ќе го пропушти натпреварот против Хит, еден од петте НБА натпревари кои ќе се одиграат на Божик, според Грегоријанскиот календар.
Сиксери победија на осум од последните девет натпревари. Во секој од неговите последни 13 натпревари, Ембиид има забележано најмалку 30 поени и 10 скока, серија со којашто се израмна со Елгин Бејлор на вечната листа на лигата. Само легендарните Вилт Чембрлен и Карим Абдул-Џабар имаат подолга серија со ваквот учинок.
Во сезоната, Ембиид има просек од 35 поени, 11,7 скока, шест асистенции и две блокади по натпревар. Тој е единствениот играч во лигата кој се рангира меѓу првите десет во погодици (прв), скокови (петти) и блокади (десетти), и има повеќе поени (874) отколку одиграни минути (854) – нешто што претходно во историјата го има постигнато само Вилт Чембрлен.