Српска Нова тврди дека нивен репортер доцна синоќа забележал и снимил човек како се шета на терасата на Претседателството во Белград, а граѓаните собрани на протестот мислеле дека тоа е претседателот Александар Вучиќ.
Вучиќ денеска потврди – тоа бил тој.
„Јас сум тој што беше на тераса, бев во Претседателството, на моето работно место и воопшто не се плашев од вас и нема да дозволам да ја уништите Србија“, напиша Вучиќ во објавата на Инстаграм.
Во видеообраќање од денеска Вучиќ вели:
– Сите видоа дека речиси три часа полицајците и имотот на граѓаните на Србија беа брутално нападнати од оние кои решија да ја уништат демократијата во Србија и волјата на народот.
Тој рече дека во морето од лаги, едно е вистина, дека на тераса виделе човек кој личи на Вучиќ и дека го исвиркале.