Јеменските Хути извеле напади врз израелскиот град Еилат и товарен брод во Црвеното Море

Портпаролот на силите на јеменската шиитска заедница Хути, Јахја Сареа, изјави во вторникот дека нивните единици извеле нападите со проектили врз трговскиот брод „MSC United“ во Црвеното Море откако ги одбил трите предупредувачки пораки да го смени курсот.

Портпаролот на Хутите, исто така, рече дека нивните единици извеле напади со беспилотни летала врз јужниот израелски град Еилат и „други области во окупираната Палестина“.

Хутите се побунија во 2014 година против јеменската влада која ја обвинија дека е попустлива на сунитската терористичка организација Ал Каеда која контролираше големи делови од Јемен. Во своето брзо напредување го заземаа главниот град Санаа кој сѐ уште го држат под контрола, како и најголемиот пристанишен град Аден од кој подоцна беа истиснати.

Изминатите години, силно поддржани од Иран, се судираа со сунитската коалиција предводена од Саудиска Арабија. Меѓутоа, од избувнувањето на војната по 7-ми октомври во Појасот Газа меѓу Израел и радикалното палестинското исламистичко движење Хамас, Хутите ги прекинаа непријателствата со околните арапски сунитски земји, и контролирајќи го поголемиот дел од Јемен со седмици го отежнуваат пловењето низ теснецот Баб ал-Мандаб на југот на Црвеното Море. Солидирајќи се со Палестинците, Хутите предупредија дека ќе ги гаѓаат сите бродови кои пловат кон Израел или се во сопственост на израелски компании. Движењето се заканува дека ќе продолжи со нападите врз израелските бродови во Црвеното и Арапското Море додека не престанат непријателствата во Појасот Газа.

Нападите врз комерцијалните бродови од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас на 7. октомври ги поттикнаа големите бродски компании да ги пренасочат своите бродови во јужниот дел на Африка, и покрај повисоките трошоци за гориво за долгите патувања. Црвеното Море е „автопат“ што го поврзува Медитеранот со Индискиот Океан, а со тоа и Европа со Азија. Секоја година низ Суецкиот канал минуваат околу 20.000 бродови, што претставува околу 40 отсто од светската трговија.

Белата куќа го обвинува Иран дека е вклучен во планирањето на нападите на Хутите, бидејќи им обезбедува „софистицирана воена опрема“ и „разузнавачка помош“, без која јеменските бунтовници тешко би ги забележале и погодиле бродовите. САД, исто така, иницираа формирање меѓународна поморска коалиција којашто ќе ја гарантира безбедноста на комерцијалната пловидба во Црвеното Море, и досега американсите воени бродови повеќепати соборуваа бесполитни летала и проектили чиешто лансирање им се припшишува на Хутите.