Српската опозиција бара ослободување на уапсените на неделниот протест

Деветтиот постизборен протест во Белград заврши во вторникот ноќта со барање за ослободување на уапсените демонстранти обвинети за насилство два дена претходно, кога полицијата ги растури демонстрациите при обидот за насилнот да влезат во белградското собрание.

По изборите на 17-ти декември, опозициската коалиција „Србија против насилството“ повика на протести, обвинувајќи ја власта дека наводно ја краде изборната волја на граѓаните, особено во Белград, каде што сметаат дека опозициските партии и коалиции освоиле повеќе гласови од владејачката Српската напредна партија (СНС), која прогласи победа и на парламентарните избори и за градот Белград.

По инцидентите на протестот на 24-ти декември пред градското собрание на Белград беа приведени четириесетина лица, а коалицијата „Србија против насилство“ тврди дека нивните поддржувачи не се виновни за инцидентите и дека станува збор за „политичко апсење“. Најмладиот уапсен наводно имал има 18 години, велат претставници на опозицијата.

Силни полициски сили го спречија обидот на дел од опозициските лидери и коалицијата и демонстрантите да влезат во Градското собрание, додека маскирани лица фрлаа камења кон зградата, кршејќи го стаклото на влезната врата и страничните стакла. Полицијата која беше распоредена во зградата употреби бибер спреј, или според опозицијата солзавец, за растурање на демонстрантите.

Според соопштението на српското Министерство за внаѕтрешни работи, во тој инцидент осум полицајци се повредени од кои двајца биле потешко, а српскиот претседател Александар Вучиќ ги обвини опозициските лидери дека се промотори и организатори на насилство, додека премиерката Ана Брнабиќ протестот го спореди со украинскиот „Мајдан“ и обид за насилно преземање на власта.

Обвинителството побара притвор до 30 дена за сите уапсени, наведувајќи го ризикот од повторување на кривичното дело и ризикот од бегство, изјави еден од адвокатите на уапсените, Александар Ивановиќ. Тие се товарат за насилничко однесување на јавен собир и повикување на насилна промена на уставниот поредок.

Лидерот на невладината организација „Крени – Промени“ Саво Манојловиќ на социјалната мрежа Х праша како е можно истиот обвинител, со кој поранешниот потпретседател на Српската листа, Милан Радоичиќ, беше ослободен од притвор по 24 часа, сега бара 30 дена притвор за средношколците и студентите.

Радочиќ беше уапсен откако ја презеде одговорноста за организирање на паравоена единица која се судри со косовската полиција на 24 септември во селото Бањска на северот на Косово. Во конфликтот загинаа еден косовски полицаец и тројца членови на групата предводена од Радоичиќ.

Пратеникот во српскиот парламент, лидер на Еколошкото востание и еден од лидерите на коалицијата „Србија против насилството“, Александар Јовановиќ Ќута, го повика претседателот на Србија да ги „ослободи децата од затвор“ и да издаде налог за неговата апсење, потсетувајќи дека во неделата ги повика граѓаните да протестираат пред Собранието на Белград.

„Јас сум тој што го повика народот на собир во недела навечер и јас сум тој што се обиде да влезе во градското собрание. Ве повикувам да му дадете наредба на вашиот јавен обвинител да ме уапси, за да видиме кој во оваа држава го урива уставниот поредок, а кој го чува“, рече Јовановиќ.

А неговата колешка, претставничката на Еколошкото востание, Данијела Несторовиќ, синоќа најави дека ќе се откаже од пратеничкиот имунитет и го повика Вучиќ да ги гони претставниците кои ги повикаа граѓаните пред Собранието на Белград.

За среда е најавен нов протест, прво собир на студентите напладне пред Филозофскиот факултет, а потоа во 18 часот пред седиштето на државната изборна комисија.