Скопје е сѐ помалку безбеден град. Граѓаните речиси секојдневно се мета на разни разбојништва и малтретирања, па и пукања на улиците. При тоа, не се поштедени ниту младите, чии загрижени родители често преку социјалните мрежи реагираат и се жалат дека полицијата нигде ја нема во ситуациии кога треба да интервенира и да ги заштити од разни насилници.
Според попладневниот билтен на МВР, на 26.12.2023 во 23.58 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачје на Карпош, едно лице со закана врз двајца малолетници, им одзело пари и лични предмети. „Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, додаваат од таму.
Ова е засега официјалното соопштение од МВР, во врска со немилиот настан кој се случил синоќа нешто пред полноќ.
Според изјавата за Нетпрес на мајката на едно од децата, случката била во 22.58 часот, а не во 23.58 како што објави МВР. Таа го пријавила случајот во полициската станица Карпош и според изјавите на детето, напаѓачот им вперил пиштол и им се заканил дека во него има три куршуми. Потоа им ја украл облеката и парите кои ги имале. Уште пострашно (или пожално) е што додека се случувал грабежот во нивна близина имало и други луѓе кои не им притекнале на помош на децата.
Немилата случка настанала кај бурекџилницата Милениум во Капиштец, во близина на Министерството за економија, каде двете малолетни лица (16) седеле на клупа.
За повеќе и за подетални информации околу случката, Нетпрес сѐ уште чека одговор од полицијата.