Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави во средата дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не се разликува од германскиот нацистички водач Адолф Хитлер и ги спореди нападите на Израел врз Газа со односот на нацистите кон Евреите во Втората светска војна.
Турција, која поддржува решение со две држави за израелско-палестинскиот конфликт, ги критикуваше израелските воздушни и копнени напади врз палестинската енклава Појасот Газа, нарекувајќи ја еврејската „терористичка држава“ и велејќи дека нејзините водачи мора да бидат судени пред меѓународните судови.
Продолжувајќи со критиките, Ердоган рече дека Турција стои со академиците и научниците во светот кои се соочуваат со прогон поради нивните ставови за конфликтот во Газа, додавајќи дека западните земји, меѓу кои се нејзините сојузници во НАТО, кои го поддржуваат Израел се соучесници во, како што рече, воените злосторства.
„Тие зборуваа лошо за Хитлер. А која е разликата помеѓу овој режим и Хитлер? Поради нив, Хитлер уште и ќе ни недостига. Дали ова што го прави овој Нетанјаху е подобро од она што го правеше Хитлер? Не е“, рече Ердоган.
„Тој е побогат од Хитлер, ја добива поддршката од Западот. САД го поддржуваат на секој можен начин. А што направија со сета таа поддршка? Убија повеќе од 20.000 жители на Газа“, додаде турскиот претседател.
Нетанјаху одговори дека турскиот претседател, за кого рече дека е одговорен за геноцидот врз Курдите и затворањето новинари, е последниот човек кој треба да им проповеда морал на другите.
И покрај критиките, Турција одржува трговски врски со Израел, што предизвикува реакција кај турските опозициски партии и Иран. Анкара вели дека трговијата со Израел нагло опаднала од 7.. октомври, кога палестинската милитантна група Хамас изврши смртоносен напад врз Израел во кој беа убиени 1.200 луѓе од кои 900 цивили, што го поттикна Израел да започне војна против Хамас.
За разлика од нејзините западни сојузници и некои арапски земји, Турција не го смета Хамас за терористичка организација.