Русија и Индија постигнаа конкретен напредок во разговорите за плановите за заедничко производство на воена опрема, изјави во средата рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, по разговорите со неговиот индиски колега Субрахманјам Џаишанкар во Москва.
На прес-конференцијата Лавров ваквата соработка ја нарече стратешка и рече дека таа е во интерес на двете земји и дека ќе помогне да се обезбеди безбедност на евроазискиот континент. Рече и дека Москва ја почитува желбата на Индија да ја прошири својата листа на добавувачи на воена опрема, но исто така е подготвена да ја поддржи желбата на Њу Делхи да произведува работи што ѝ се потребни на Индија во самата Индија.
Џаишанкар рече дека следната година се очекува и средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и индискиот премиер Нарендра Моди. Додаде дека со Лавров разговарал за конфликтите во Украина и Газа, како и за билатералната трговија и инвестициите.
Откако Западот воведе без преседан санкции против Русија во 2022-ра, кои се продолжение на оние воведувани етапно уште од 2014 година, поради војната во Украина, Индија стана еден од главните економски партнери на Русија.
Имено, Русија пренасочи голем дел од извозот на нафта во Индија и ја зајакна дипломатијата во рамките на групата на нации БРИКС, група за економска соработка основана од двете земји, во која се и Бразил, Кина и Јужноафриканската Република.
„Порано речиси никогаш не извезувавме (нафта) во Индија, но во изминатите две години вкупниот удел во извозот во Индија се зголеми на околу 40 проценти“, изјави во средата рускиот вицепремиер за енергетија Александр Новак.
Според Џаишанкар, вредноста на трговијата меѓу Индија и Русија се очекува да надмине 50 милијарди долари оваа година. Рече дека Њу Делхи има намера да потпише билатерален договор за инвестиции со Русија, како и договор за слободна трговија со Евроазиската економска унија предводена од Москва.