Србија: Десетти постизборен протест на опозицијата, Вучиќ им порача дека е „цврст како карпа“

Десеттиот постизборен протест заврши во средата вечерта во Белград, додека српскиот претседател Александар Вучиќ ѝ порача на опозицијата дека „нема да дозволи да ги украдат изборите“ на кои неговата партија освои речиси 47 отсто од гласовите.

Српскиот претседател Александар Вучиќ ја обвини опозицијата дека сака да ја украде „волјата на народот“ и некои од меѓународните набљудувачи дека ги поддржуваат намерите на опозицијата, која „однапред се подготвувала“ да не ги признае изборите и да започне протести, со своите тврдења за наводно изборни неправилности.

Српската напредна партија (СНС) на Вучиќ, според државната изборна комисија, податоци кои не ги оспори опозиција, освоила 46,72 отсто од гласовите на предвремените парламентарни избори на 17-ти декември, со тесна победа од речиси четири процентни поени во Белград, каде опозицијата верува дека победила но дека била украдена од многубројни злоупотреби.

Коалицијата „Србија против насилството“ беше втора на изборите за парламентот со 23,56 отсто од гласовите, а трета Социјалистичката партија на Србија со 6,56 отсто.

„Волјата на народот е света, гласот на народот е гласот Божји, нема да дозволиме да украдат ништо. Изборите (со повторување на гласовите на десетина избирачки места) завршуваат на 30 декември, па да одиме полека кон конституирање на Собрание, создавање на Влада и толку“, рече во средата вечерта Вучиќ за телевизијата ТВ Пинк.

На опозицијата ѝ порача дека тој е единствената пречка за нив, но дека ќе остане „цврст како карпа“.

Коалицијата на левиот центар „Србија против Насља“ повика на протести поради сомневање за регуларноста на изборите одржани на 17-ти декември, а во последните два дена и дел од десничарската конзервативно-национална опозиција – поруските движењето Двери и Нова Демократска партија на Србија – се приклучи кон барањата за откажување на изборите, пред сѐ, во Белград.

Барањата на опозицијата се поддржани со протестни собири на неформалната група „Борба-Студенти против насилството„, која седмицава во два наврати го блокираше Министерството за државна, администрација и локална самоуправа барајќи пристап до избирачкиот список поради сомневање за илјадници регистрирани таканаречени фантомски гласачи.

Истовремено, опозициската претставничка и носителка на листата „Србија против насилството“, Мариника Тепиќ, на десеттиот ден од штрајкот со глад, вели дека нема да се откаже и дека нејзината одлука за штрајк не е насочена кон домашните институции, туку кон меѓународната заедница.

„Мојот штрајк со глад и оваа радикална одлука не се насочени ниту кон Вучиќ, ниту кон домашните институции бидејќи тие се соучесници“, изјави таа за регионалната телеизија N1, наведувајќи дека „и обвинителството и полицијата и Министерството за државна управа и локална самоуправа” се учесници на изборните кражби, а пред сѐ Александар Вучиќ „како мозок на тој инженеринг за крадење”.

Тепиќ очекува меѓународната заедница да формира комисија со набљудувачи и правни експерти за да ги сумира сите сомнежи, забелешки и согледувања во тажен заклучок и да направи сеопфатна „ревизија за да може изборите да бидат поништени“.

Истовремено, опозицијата тврди дека до сите надлежни институции доставила бројни докази, видеа и податоци кои несомнено ја документираат и докажуваат изборната кражба. Врз основа на сите овие докази за злоупотреби и купување гласови, обвинителството мора да покрене истрага, да повика сведоци и да ја заврши својата работа за да се утврди вистината за изборниот инженеринг по кој прибегна власта пред и на самиот изборен ден, 17 декември.

Меѓутоа, останува неодговорено прашањето зошто опозицијата се согласи на избори со таков избирачки список, и зашто нејзините претставници во изборните комисии ги потпишале записниците на сите избирачки места без да вложат приговори.

„Граѓаните се чувствуваат незаштитено и несигурно“, изјави вечерва за N1 Драган Ѓилас, претседател на опозициската Партија на слободата и правдата и член на коалицијата „Србија против насилството“.

Опозицијата најави нов протест за четврток во 18 часот пред државната изборна комисија, а во петок граѓаните беа поканети на протест во центарот на Белград на иницијатива на група истакнати јавни личности ПроГлас, кои на изборниот кампањата повика на масовен одѕив на гласачите.