Макрон порача дека 2024-та ќе биде година на гордост и надеж

Францускиот претседател Емануел Макрон во неделата им порача на Французите дека 2024 година ќе биде година на гордост и надеж, обележана со Летните олимписки игри во Париз и повторното отворање на катедралата Нотр Дам по катастрофалниот пожар. .

„Само еднаш во сто години можете да бидете домаќини на Олимписките и на Параолимписките игри, само еднаш во илјада години можете повторно да изградите катедрала… Годината 2024-та ќе биде година на решителност, на резолуции, на закрепнување, на гордост. Всушност, година на надеж“, рече Макрон.

Макрон ѝ се обрати на јавноста преку телевизијата по повод новогодишната прослава.

Во оваа прилика низ целата земја ќе бидат распоредени 90.000 полицајци и 5.000 војници поради „многу големата“ терористичка закана.

Франција ќе продолжи да се „превооружува“ кога станува збор за безбедносните прашања, но и ќе го зајакне јавното образование и социјалната кохезија, рече Макрон.

Со овие зборови, Макрон се обиде да ги охрабри Французите по една година обележана со војни и кризи во странство, како и протести поради непопуларната пензиска реформа и уличното насилство по полициското убиство на тинејџер во Париз.