Основците и средношколците се на зимски распуст и во училишните клупи ќе се вратат на 22 јануари за второто полугодие од 2023/2024 година. Учебната година првпат ќе заврши на 17 јуни затоа што со одлука на Владата се воведува и пролетен распуст, од 29 април до 5 мај 2024.
Во календарската 2023 продолжи примената на Концепцијата за основно образование, почната во 2020-та, и се повтори проблемот со доцнење на новите учебници – годинава за трето и за шесто одделение. МОН и МВР со недели се справуваа со заканите за наводно поставени бомби во училиштата, македонските ученици покажаа потпросечни резултати на новото меѓународно ПИСА-тестирање.
Третоодделенците ги добија учебниците во првата половина на септември, а шестооделенците чекаа до ноември. Едните и другите во 2023/2024 учат по нови наставни програми согласно Концепцијата за основно образование која три години се спроведува етапно. По критиките дека учебниците доцнат и во оваа учебна година, МОН објаснуваше дека доцна им биле доставени наставните програми од Бирото за развој на образованието (за трето во декември 2022, за шесто во март 2023), појаснуваше дека е потребно време да се состават ракописи за учебници според новите програми и доволно време за другите фази – рецензирање и одобрување од Националната комисија за учебници, графичкото обликување и избор на економски оператор за печатење, пред тие да се достават до училиштата.
За да нема доцнење и во наредната учебна година, кога по нова наставна програма ќе учат седмоодделенците, министерот Јетон Шаќири побара програмите да бидат готови до крајот на ноември и БРО ги достави во дадениот рок. Набргу потоа МОН објави и огласи/повици за авторски тимови кои ќе ги пишуваат ракописите за новите учебници за седмо.
-Во минатиот период имавме проблеми, но сакаме да докажеме дека со навремени повици за автори ќе имаме долг период за изработка и печатење на учебниците за наредната учебна година, изјави Шаќири во ноември откако во првите два месеца од учебната година секојдневно беше соочен со прашањето: Кога ќе стигнат учебниците за шесто? Во повеќе наврати изјавуваше дека проблем има и во тоа што не се пријавуваат кандидати што ќе ги рецензираат ракописите, а тоа е причината и што сѐ уште не е готов учебникот за Историја и општество.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) во септември одлучи против Министерството за образование и наука да поднесе судска тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес поради необезбедени учебници.
Според извештај што од МОН го побарала оваа Комисија, од 126 учебници потребни за сите задолжителни и изборни предмети во деветгодишното основно образование, на почетокот на учебната 2023/2024 година не биле обезбедени 43 учебници, односно недостигале 34 отсто или една третина. По сите наставни предмети и на сите наставни јазици учебници на 1 септември имале само учениците во прво и второ одделение, соопшти КСЗД.
На крајот од годината МОН го почна процесот на дигитализација на учебниците со промовирање на учебници по сите предмети за четврто, петто и шесто одделение, на сите наставни јазици, поставени на платформата nastava.mk и достапни во секое време. Тие се првата фаза на дигитализацијата која ќе продолжи и во наредните години односно со секој одобрен учебник што ќе се печати, ќе има и дигитална верзија. Од МОН појаснија дека не се работи за ПДФ-формат на печатените учебници, туку за богата мултимедијална содржина – видеа, фотографии, илустрации, квизови, со што учењето на младите ќе биде поинтересно и поефектно.
На почетокот на декември беа објавени резултатите од Програмата на ОЕЦД за меѓународно оценување на учениците (ПИСА) од 2022, според кои македонските ученици на 15-годишна возраст се потпросечни во математика, писменост и природни науки.
Меѓу нивни врсници од 81 држава во светот, кои лани учествувале во тестирањето на ОЕЦД (Организацијата за економска соработка и развој), учениците од Северна Македонија се рангирани на 61 место по математика, на 71-во на тестот за читање со разбирање и на 68 место за знаења од природните науки.
Министерството за образование и наука соопшти дека е минимална разликата со резултатите од претходното тестирање во кое учествуваше земјава, во 2018, наведе дека резултатите од 2022 покажуваат „генерално намалување“ на нивото на јазичната, математичката и научната писменост кај учениците во речиси сите држави учеснички и дека тоа се должи на „негативните последици од пандемијата со Ковид-19 врз квалитетот на образованието во глобални размери“.
Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје во реакција по повод резултатите укажа дека е „висока цената што ќе ја платиме ако кризата со учењето не стане национален приоритет“. Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани, порача дека „државата треба да биде сериозно загрижена од најновите резултати коишто покажуваат уназадување“ и дека „предолго време дозволуваме децата да заостануваат во читањето, математиката и природните науки“.
– Многумина сега се млади возрасни лица, кои се запишуваат во високото образование или почнуваат да работат, а празнините во нивното знаење ќе излезат на виделина и тоа има своја цена. Тоа ќе има сериозни последици врз сегашните и идните генерации. Ситуацијата налага сите да се обединат сега. Децата не можат да чекаат. Образованието не може повеќе да чека. Справувањето со кризата во учењето мора да биде национален приоритет. Овие загуби не само што имаат негативно влијание врз децата денес, туку тие, исто така, ќе влијаат врз исходот во животот на децата и ќе го попречат економскиот развој на земјата во следните децении, беше наведено во соопштението на ДиЏовани.
Откако МОН пролетта ги прифати четирите барања на Сојузот на средношколци за олеснување на полагањето на државната матура, тие што неа ја спроведуваат почнаа генерален штрајк.
Синдикатот на Државниот испитен центар (ДИЦ) на крајот на април побара повисоки плати за 29-те вработени и ги стопираше подготовките за државната матура во јуни и на сите други процеси во нивна надлежност (меѓународните тестирања, обуката и испитот за директори на училишта…) Бараа од министерствата за образование и за финансии да ги прифатат измените на колективниот договор со кои би добиле линеарно покачување.
По апелите дека од штрајкот на ДИЦ се засегнати и во неизвесност над 15 илјади матуранти и откако МОН соопшти дека за да се реализира државната матура ќе ангажира вработени од Министерството, синдикатот на ДИЦ одлучи да го стави штрајкот во мирување за да не се доведе во прашање валидноста на тестирањето и резултатите од матурата. Штрајкот беше активиран повторно на крајот на 2023, а ресорниот министер во ТВ-интервју вети повисоки плати во ДИЦ по Нова година.
Пријавите за наводно поставени експлозивни направи кои почнаа во октомври 2022, продолжија и по зимскиот распуст во 2023. Во неколку недели имаше секојдневни евакуации на ученици, вознемирена јавност и изјави од надлежните и од експерти дека се работи за хибридни закани во целиот регион чија цел е да се создаде чувство на несигурност и страв.
МОН донесе одлука училиштата што добиваат заканувачки дојави за кратко време да се префрлат на онлајн-настава, но тоа се покажа не многу функционално поради проблеми на голем број ученици да се регистрираат на платформата Тимс, а некои, пак, што живеат подалеку, не беа во можност во рок од еден час да се вратат дома за да ги продолжат часовите.
По секојдневно броење колку училишта добиле закани по е-пошта, за кои МВР, по оперативните полициски проверки, соопштуваше дека се лажни, престана јавното објавување на пријавите за бомби. МВР во соработка со МОН ги смени протоколите и почна да ги спроведува безбедносните процедури без да се наруши текот на наставата со физичко присуство на учениците и наставниците.
Масовното убиство во училиште во Белград, кое го изврши 13-годишен ученик во мај, и кај нас отвори низа дебати за безбедноста во училиштата и, до крајот на минатата учебна 2022/2023 година, секојдневни беа темите за нивната екипираност со стручен кадар и за проблемот со меѓуврсничкото насилство.
МОН апелираше стручните тимови во училиштата помалку да бидат окупирани со административна работа, а повеќе да се посветат на работата за која постојат. Во широка консултативна дискусија со стручни лица, педагози и психолози практичари и со вклученост на средношколци и родители, беа утврдени десет препораки – заклучоци, што ги усвои Владата, за подигнување на безбедноста во училишните објекти и превенирање на меѓуврсничкото насилство.
Меѓу препораките беше и да се ограничи користењето на мобилните телефони во училниците. Во дебатите се слушнаа предлози и да се забрани апликацијата ТикТок, но заклучокот беше дека тоа нема да го реши проблемот со булингот.
Во деветтиот пакет антикризни мерки за социјално ранливи граѓани за справување со енергетската и ценовната криза, што го одобри Владата на крајот од годината, за помош на учениците и студентите се наменети 16,3 милиони евра.
Финансиската поддршка е за ученици од основните и средните училишта чии семејства имаат вкупни месечни приходи од нето плата до 50.000 денари.
Со антикризните мерки се опфатени и над 15 илјади студенти кои до крајот на академската 2023/2024 ќе добиваат ваучер за превоз од 600 до 1.200 денари доколку студираат надвор од местото на живеење, а износот ќе зависи од оддалеченоста.
Покрај ова, Владата најави и дополнителна мерка за студентите за да го подобри нивниот стандард – ваучери за посета на туристичко место во земјава, за што се предвидени 64 милиони денари. Како што беше најавено од министерствата за економија и за образование и наука, новата поволност за студентите ќе почне да се применува од јануари и се очекува да бидат опфатени околу три до четири илјади студенти од државните универзитети.
Со заем од 20 милиони евра од Германската развојна банка и грант од 5 милиони евра преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија, ќе бидат реновирани деветте државни студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид.
Реконструкцијата на државните студентски домови е во рамки на Проектот за нивна енергетски ефикасна рехабилитација и ќе се одвива во три фази. Во првата ќе бидат реновирани домовите „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје. На самиот крај од годината во Владата беше потпишан договор со економскиот оператор Страбаг АГ за реновирање на овие два дома што се очекува да трае 18 месеци.
МИА