
Во земјотресот со магнитуда од 7,6 степени според Рихтеровата скала којшто во понеделникот го погоди централниот дел на Јапонија, според најновите податоци на властите загинале 48 лица.
„Вкупниот број загинати достигна 48“, изјави за AFP официјален претставник во областа Ишикава, епицентарот на земјотресот.
Во вторникот, уште еден земјотрес со јачина од 5 степени ја погоди областа Ишикава. Јапонската метеоролошка агенција предупреди дека по најсилниот земјотрес може да има уште силни потреси во текот на следните денови.
Во вторникот спасувачките тимови се справуваа со препреките и се мачеа да стасаат до изолираните области каде што урнати се станбени згради, уништени се патишта, адесетици илјади домови беа без струја.
Илјадници припадници на војската, пожарникари и полицајци од целата земја се испратени во најпогодената област на полуостровот Ното во префектурата Ишикава. Сепак, спасувачките напори се отежнати поради тешко оштетените и блокирани патишта, а властите велат дека е тешко да се процени целосниот обем на штетите.
Брановите на цунами го погодија западниот брег на земјата по земјотресот, однесувајќи некои автомобили и куќи во морето. Многу железнички и ферибот линии се во прекин, а летовите до областа се откажани. Аеродромот Ното е затворен поради оштетување на пистата, терминалот и пристапните патишта.
„Потрагата и спасувањето на погодените од земјотресот е трка со времето“, рече премиерот Фумио Кишида за време на итниот состанок за катастрофата во вторникот.
Регулаторот со нуклеарните централи објави дека не се пронајдени неправилности во нуклеарните постројки долж Јапонското Море.