Саудиската државна телевизија во вторникот објави дека Саудиска Арабија официјално влезе во меѓувладината организација БРИКС.
На самитот на БРИКС во јужноафриканскиот град Јоханесбург во август 2023 година, изненадувачки беше најавено проширување на групата за шест нови членки. Покрај тогаш Аргентина, беше соопштено дека и Саудиска Арабија, Иран, Обединетите Арапски Емирати, Египет и Етиопија треба да се приклучат на сојузот на важните економии во развој на 1 јануари 2024 година. Во најава за следното проширување на блокот се и апликациите на земји како Турција и Алжир
Саудискиот министер за надворешни работи во август потврди дека блискоисточното кралство ќе ги проучи деталите пред предложениот датум за пристапување на 1-ви јануари и ќе донесе „соодветна одлука“. Принцот Фајсал бин Фархан тогаш истакна рече дека групата БРИКС е „корисен и важен канал“ за зајакнување на економската соработка.
Досега БРИКС го сочинуваа Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република, а по 1-ви јануари покрај Саудиска Арабија на блокот брозорастечки економии ќе му се приклучат и Обединетите Арапски Емирати, Египет, Иран и Етиопија.
Влегувањето на Саудиска Арабија доаѓа во време на геополитички тензии меѓу САД и Кина и зголемено кинеско влијание во Саудиска Арабија. И покрај сѐ уште силните врски со САД, Саудиска Арабија сè повеќе оди по сопствениот пат, бидејќи го смета Вашингтон за помалку посветен на безбедноста во Персискиот залив отколку од порано.
Кина, најголемиот купувач на саудиска нафта, ги предводи повиците за проширување на БРИКС за да се спротивстави на Западот и да го претставува глобалниот југ.
Аргентина, чијашто претходна влада доби парламентарна поддршка да се приклучои на БРИКС, последните денови од 2023 година објави дека новиот ултра-неолибералистички претседател Хавиер Милеи официјално го откажал придружувањето на земјата на блокот во писмо до земјите-членки Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република.
Во писмото на новиот аргентински претседател, кое го објавија тамошните медиуми, Милеи наведува дека „надворешнополитичката позиција на владата на која е на чело веќе неколку дена во многу случаи се разликува од онаа на претходната влада“. Затоа, како што се наведува, „некои претходни одлуки ќе бидат преиспитани“.
Како трета по големина економија во Латинска Америка, соочена со хронична инфлација, дури 143 проценти на годишно ниво, со структурен долг и со 45 проценти од населението кое живее во сиромаштија, Аргентина се подготвува за болни прилагодувања. Милеи, исто така, ја најави ориентацијата на надворешната политика на Аргентина кон САД и Израел, како и оддалечување од Кина и левичарските регионални партнери.
Претходниот аргентински претседател Алберто Фернандез своевремено го поздрави членството во БРИКС, со оглед на геополитичките и економските предизвици со кои се соочува неговата земја.