Соединетите држави соопштија во вторникот дека ги „отфрлаат“ коментарите на израелските министри кои се залагаат за враќање на еврејските доселеници во Газа по актуелната војна, како и за „поттикнување“ на палестинското население да емигрира од енклавата Појасот Газа.
„САД ги отфрлаат неодамнешните изјави на израелските министри Безалел Смотрич и Итамар Бен Гвир кои се залагаат за преселување на Палестинците надвор од Газа“, рече портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер во изјавата, нарекувајќи ги изјавите „неодговорни“.
Израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен Гвир во понеделникот повика на враќање на еврејските доселеници во Газа и на „поттикнување“ на палестинското население да емигрира, ден по сличниот повик на министерот за финансии Безалел Смотрич.
„Неопходно е да се промовира решение коешто поттикнува иселување на житеолите на Газа. Тоа е правилно, праведно, морално и хумано решение, рече г-дин Бен Гвир за време на состанокот на неговата партија“, според објавата што самиот министер ја сподели на социјалните мрежи.
„Апелирам до премиерот и министерот за надворешни работи, ова е можност за развој на проект чијашто цел е да се поттикне иселувањето на на населението на Газа во другите земји ширум светот“, рекол Бен Гвир се истакнува во истата објава.
Рекол и дека заминувањето на Палестинците од Појасот Газа, исто така, ќе го отвори патот за повторно воспоставување на еврејските населби на палестинска територија, што меѓународната заедница како и во случаите со окупираните Западниот брег (на реката Јордан) и Голанската висорамнина ги смета за нелегални.
„Овие коментари се запаливи и неодговорни“, рече портпаролот на американскиот Стејт департмент, истакнувајќи дека „израелската влада, вклучително и премиерот Бенјамин Нетанјаху, повеќепати ни кажа дека овие изјави не ги одразуваат ставовите на израелската влада“.
Соединетите држави веруваат „дека Газа е палестинска земја и ќе остане палестинска земја“, додаде портпаролот Милер.