Ѓоковиќ се огласи за повредата која ги исплаши неговите фанови, но тој е оптимист

Новак Ѓоковиќ загуби од Алекс Де Минор на Јунајтед Купот и Србија доживеа елиминација во четвртфиналето, но многу позагрижувачка за фановите на светскиот рекет број еден е повредата на која се жалеше Србинот.

Ноле загуби во два сета со идентични 6:4 и му честиташе на Де Минор за остварениот триумф, па затоа по мечот не ни сакал премногу да зборува за неговата повреда на мускулот на раката.

Сепак, во своето обраќање, Ноле се обиде да ги смири своите фанови во пресрет на најважниот турнир кој следи, грен слемот во Мелбурн на кој ќе ја брани титулата освоена минатата година.

– Имав непријатност во мускулот под лактот изминативе два дена, но денеска значително се влоши додека играв. Да бидам искрен, мислам дека се ќе биде во ред до Аустралијан опен. Има десетина дена и мислам дека се ќе биде во ред, – изјави Ѓоковиќ и додаде.

– Оваа болка имаше големо влијание врз мојата игра, особено на сервис и на форхенд, но не би зборувал премногу за тоа. Не сакам да му одземам ништо на Ди Минор, беше многу цврст како и обично. Честитки за него и Австралијците, моите мисли веќе се во Мелбурн, – изјави Ѓоковиќ.