До „Гласен текстилец“ пристигнале близу 2000 жалби од работници од реалниот сектор за неисплата или нецелосна исплата на регресот за годишен одмор за 2023–та година. На 500 работници не им е исплатен ниту денар, а на 1420 на сметка им се уплатени помеѓу 500 и 5000 денари на име К-15. Работодавачите и годинава ги изманипулираа работниците, зашто тоа им го дозволува Колективниот договор за реалниот сектор, сметаат од Гласен текстилец.
– Сојузот на синдикати како репрезентативна страна, потписничка на тој колективен договор, се уште има оставено отворена врата за злоупотреба, дека фирмата работела со загуби и поради истото ќе има исплата помала од таа што е назначена за таа година. За жал, таа помала исплата не е утврдена и немаат намера да ја утврдат, изјави Кристина Ампева, Здружение „Гласен текстилец“-Штип.
Регресот за годишен одмор веќе по некое непишано правило најповеќе не се исплаќа за вработените во градежниот и текстилниот сектор. Ампева ја повика УЈП да направи контрола во оние компании каде што воопшто не е исплатен регресот за годишен одмор.
– Да провериме за ланските фирми каде што имало, наводно, спогодба за финансиски потешкотии, да побараме од УЈП да се врати една година наназад за да ги види тие загуби. Во март дополнително ќе испратиме и за овие, додаде Ампева.
За Ампева сомнителна е и исплатата на К-15 во првите денови после Нова година, па работниците не знаат дали се однесува за минатата година или за тековната.