Утре јавен собир на АСОМ пред Собранието

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа во автомат клубови и казина (АПИС) утре, 10.01.2024 г. (среда), пред Собранието на РСМ од 12:00 – 13:00 часот ќе одржат јавен собир.

Во 12:30 часот предвидени се и изјави за медиумите од страна на претседателот на АСОМ, Васко Илијевски и претставникот од АПИС, Горан Стоименов.

За време на собирот најавено е и затворање на улицата „11-ти Октомври“ пред Собранието на РСМ, а се очекува присуство и на голем дел од вработените од секторот на игри на среќа.

Поводот е закажаната седница на Комисијата за европски прашања каде на дневен ред е второ читање на Предлогот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри. Предлог законот, согласно Заклучокот од првото читање на седницата одржана на 27.12.2023 г., беше изгласан за прифатлив, со што истиот денеска се наоѓа на натамошно, односно второ разгледување, што е на чекор пред конечно донесување на пленарна седница во Парламентот. Ова води до целосно згаснување на една легална стопанска гранка и оставање на улица повеќе од 10.000 вработени.