Полската полиција уапси двајца свои поранешни челници, поранешниот министер за внатрешни работи и неговиот заменик во вторникот, во ескалирачкиот конфликт меѓу шефот на државата и новата полска влада.
Премиерот Доналд Туск претходно го обвини претседателот Анджеј Дуда дека ја попречува правдата, откако во претседателскито дворец претходно биле видени двајца пратеници кои требало да бидат затворени.
Обвиненијата против Мариуш Камински и Мациеј Васик се нови елементи во спорот кој веројатно ќе биде еден од многуте за време на кохабитацијата на владата и претседателот кои се од жестоко спротиставените политички табори.
„Ве известуваме дека согласно судската наредба приведени се лицата на кои се однесува“, соопшти полицијата на X.
Новиот министер за внатрешни работи Марчин Киервински коментираше дека „сите се еднакви пред законот“.
Мноштво демонстранти се собраа пред претседателскиот дворец на повик на десничкарска конзервативна партија Право и Правда (PiS), чии членови се Камински и Васик. Масата извикуваше „Ослободете ги политичките затвореници“ и „Срам!“.
Портпаролот на PiS, Рафал Боченек, во објава на X оцени дека потегот на полицијата е „незаконско киднапирање и кршење на сите демократски правила“.
Дуда го помилуваше Мариуш Камински во 2015 година, неколку седмици по доаѓањето на власт на PiS, откако Камински беше осуден за злоупотреба на власта во претходната функција, што му овозможи да стане министер за внатрешни работи.
Правните стручњаци го поставија прашањето дали претседателот Дуда може да го помилува пред апелациониот суд да донесе конечна одлука. Врховниот суд минатата година одреди дека случајот треба повторно да биде отворен, а во декември Камински и неговиот заменик Мациеј Васик беа осудени на две години затвор за злоупотреба на службената положба.
Во вторникот, кабинетот на претседателот објави слика на Камински и Васик со Дуда на официјален настан во претседателскиот дворец.
Според Шимон Холовнија, претседателот на Долниот дом на парламентот (Сејмот), декемвриската пресуда значи дека Камински и Васик ги загубиле пратеничките мандати. Но и двајцата негираа и планираа да дојдат на следната седница.
Туск, поранешен претседател на Европскиот совет, стана повторно полски премиер по изборите во октомври минатата година, на кои PiS иако освоите поединечно најмногу мандати не можеше да формира мнозинство и ја загуби власта по осум години. Владеењето на конзевативната влада беше обележано со конфликти со бирократите во Брисел и обвинувања на Варшава за наводно поткопување на демократските стандарди.