Министерството за здравство во Газа соопшти дека од почетокот на конфликтот меѓу Израел и Хамас на 7 октомври, убиени се 23.357 Палестинци, додека 59.410 биле ранети. Во последните 24 часа загинаа 147 жители на палестинската енклава, а 243 се повредени.
Од почетокот на судирот меѓу Хамас и Израел, на Западниот Брег загинаа 330 Палестинци, меѓу кои 84 деца, додека повеќе од 4.000 луѓе се ранети.
Од друга страна, Израел објави дека еден војник е убиен за време на операциите во Газа и дека вкупниот број на мртви војници сега е 186, додека 1.065 војници се ранети.
Израелската армија тврди дека „открила повеќе од 15 тунели во Централна Газа“ и дека во операцијата „ликвидирала неколку терористи кои ги чувале влезовите на подземните премини. Исто така, Израел соопшти дека во борбите во Кан Јунис погодил повеќе повеќе од 150 цели на Хамас, а погодени се и позициите на Хезболах во јужен Либан.
Властите во Газа проценуваат дека повеќе од 1,9 милиони луѓе се насилно раселени, што е повеќе од 85 отсто од населението. Само 15 од 36-те болници во енклавата се делумно функционални.
Во исто време, Светската здравствена организација (СЗО) откажа уште една, шеста, планирана мисија за медицинска помош во Газа од безбедносни причини и го повика Израел да ги одобри нивните и барањата на другите партнери за испорака на хуманитарна помош.