Полицијата трага по пет лица вмешани во пукањето во Тетово, еден од ранетите животно загрозен

Во вечерашното пукање пред влезот на Ургентен центар во тетовската Клиничка болница, ранети се две лица од кои едното е со тешки повреди, соопшти Министерството за внатрешни работи и додадва дека во врска со тешкиот инцидент се трага по пет лица.

Две лица се ранети во вооружен инцидент кој вечерва се случил пред Ургентниот центар во Клиничката болница во Тетово, информираат од СВР Тетово за „360 степени“.

Двете ранети лица биле примени во болница, а едно од нив, поради тежината на здобиените рани, е упатено во Клиничкиот центар во Скопје.

„Вечерва, во 18:05 часот, во СВР Тетово е пријавено дека пред влезот на Ургентниот центар во тетовската Клиничка болница било пукано во две лица кои се здобиле со прострелни рани“, соопшти СВР Тетово.

Полициски службеници се на терен и се врши увид на местото на настанот, а се преземаат и мерки за пронаоѓање на четири или пет лица кои се сомничат за инволвираност во настанот.

На престрелката пред тетовската болница ѝ претходела физичка пресметка помеѓу еден од сега ранетите и еден од осомничените за вечерашното пукање. Физичката пресметка се случила денеска околу 13 часот на улицата „Илинденска“ во Тетово.