Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги обвини САД и Велика Британија дека користат непропорционална сила во нападите врз цели на бунтовниците Хути во Јемен и се обидуваат да го претворат Црвеното Море во „море од крв“, пренесуваат турските медиуми.
„Тие употребија непропорционална сила и се обидуваат да го претворат Црвеното Море во море од крв. Израел го прави истото во Палестина. Добиваме вести преку многу канали. Од различни канали дознаваме дека Хутите успешно реагираат, изјави турскиот претседател, цитиран од НТВ.
Тој посочи дека се надева оти Израел ќе биде осуден од Меѓународниот суд на ОН за воените злосторства извршени во Појасот Газа.
„Веруваме во правдата на судот во Хаг, таму ќе му се суди на Израел. На премиерот Бенјамин Нетанјаху не му остануваат аргументи за да ја избегне одговорноста“, рече Ердоган.