
Повеќе депортации, побрзи процедури за доделување азил и платежни картички. Германија сака да стане помалку привлечна за барателите на азил од 2024 година, но ја олеснува имиграцијата на странските квалификувани работници, пишува Долче Веле.
Од 18 ноември во Германија во сила е закон кој има за цел да ја олесни имиграцијата на странските квалификувани работници.
Најважниот елемент е всушност воведувањето на т.н карта за можности која се заснова на систем на поени. Картата вклучува едногодишна дозвола за престој. За тоа време, имателите на картички можат да почнат да бараат работа. Условите кои барателите треба да ги исполнуваат се: познавање на германски или англиски јазик, работно искуство и лична поврзаност со Германија.
Квалификуваните странски работници во иднина ќе треба да заработуваат минимална бруто плата од околу 43.800 евра годишно, наместо досегашните 58.400 евра. Барателите на азил кои влегле во земјата пред 29 март 2023 година и имаат квалификации и понуда за работа можат да аплицираат за дозвола за престој како квалификуван работник доколку го повлечат барањето за азил. Досега прво мораа да ја напуштат државата, а потоа да аплицираат за работна виза од странство.
Во иднина, секој што доаѓа во Германија како висококвалификуван професионалец од земја надвор од ЕУ не само што ќе може да ги носи со себе брачниот другар и децата, туку и родителите. Но, предуслов е членовите на семејството да бидат осигурани, а родителите немаат право да аплицираат за социјална помош. Листата на т.н. дефицитни занимања се проширува, додека порано дефицитарни занимања беа: компјутерски науки, природни науки, инженерски професии и медицина, сега важи и за фармацевти, воспитувачи и негуватели.
Доколку работодавачите во Германија и кандидатите од земји надвор од ЕУ склучат т.н договор за признавање на квалификации, странските работници ќе можат да доаѓаат на работа во Германија од март 2024 година додека процесот на признавање на нивните квалификации се уште е во тек. Престојот може да се продолжи до три години.
Доколку сакаат да донесат сопружници или малолетни деца, квалификуваните работници мора да докажат дека можат да го издржуваат семејството.
„Конечно, мора масовно да ги депортираме оние кои немаат право да останат во Германија“, изјави канцеларот Олаф Шолц во интервју за магазинот „Дер Шпигел“, најавувајќи поостра владина политика.
Според официјалните податоци, во првата половина на 2023 година од земјите биле депортирани 7.861 лице, а нивното барање за азил било одбиено.
Во иднина повеќе нема да се најавуваат депортации, максималниот рок на притвор за лицата кои се депортирани ќе се продолжи од десет на 28 дена, а на полицијата ќе и се дадат пошироки овластувања при претрес на бегалски домови.
Се очекува законскиот пакет за оваа проблематика да биде изгласан во Бундестагот во текот на јануари, а да стапи на сила на крајот на април 2024 година.